Врз способноста за ориентација во просторот влијаат повеќе фактори, вклучувајќи ја и возраста. Неколку поранешни истражувања на факторите што влијаат на навигациската способност ја вклучуваат и локалната култура како фактор со удел во формирањето на когнитивните стратегии. Но, ниту едно истражување на оваа тема не било спроведено во глобални рамки, барем досега.
Новото истражување, достапно на веб-порталот на Cell, го направи токму тоа – вклучи 2,5 милиони испитаници од речиси сите земји во светот. Во центарот на истражувањето било чувството за навигација во просторот, коешто претставува подеднаква потреба во сите култури во светот. Тестот бил претставен во вид на видеоигра. Играта Sea Hero Quest (SHQ) се состои во управување со виртуелен брод којшто е во потрага по морски животни што играчот треба да ги фотографира. Притоа, играта ја истакнува употребата на 2 способности – способноста да се најде вистинскиот пат и способноста ова искуство да се примени во понатамошните патувања.
Истражувачите ги анализирале податоците од илјадници луѓе во 57 различни земји, кои ја играле компјутерската игра. Тие ги споредиле добиените резултати со извештајот за јазот меѓу половите (The Global Gender Gap Report) во којшто Светскиот економски форум ги анализира половите разлики во различни земји во четири клучни области. Тимот научници открил дека во земјите со поголеми полови разлики во поглед на економските и политичките можности, образованието и здравјето, мажите покажале подобри навигациски способности од жените. Трудот објавен во Current Biology укажува дека во земјите кадешто жените немаат исти можности со мажите, тие веројатно не можеле да ги развијат своите навигациски способности како што тоа го прават жените во други области во светот. Истражувањето открива и дека луѓето во Данска, Финска и во Норвешка, независно од нивниот пол, се најдобрите навигатори и оти постои тенденција луѓето во побогатите земји да имаат подобри ориентациски способности.