Рубрика: Астрономија и астронаутика
Нема живот во системот Омега Кентаур
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.08.2018 - 12:45

За истражувачите што се во потрага по егзопланети, Омега Кентаур изгледаше како совршено место. Во центарот на масивното ѕвездено јато се кријат околу 350 000 ѕвезди коишто даваа надеж дека можеби имаат планетарни системи што поддржуваат живот. Меѓутоа, откако истражувачите ги пресметале животните зони околу ѕвездите, земајќи ги предвид температурата, возраста и орбитниот појас во којшто би можело да има вода, нивниот заклучок бил дека ѕвездите едноставно се наоѓаат преблиску една до друга за да можат да го одржат животот.

Двајцата автори на новото истражување, Стивен Кејн (Stephen Kane), од Универзитетот на Калифорнија во Риверсајд, и Сара Дивини (Sarah Deveny), од Државниот универзитет на Сан Франциско, си дадоа задача да го проценат бројот на потенцијални егзопланети со услови за живот во ѕвезденото јато Омега Кентаур. Јатото е најголемо во Млечниот Пат и содржи околу 10 милиони ѕвезди. Се наоѓа на околу 16 000 светлосни години од Земјата, што овозможува добра прегледност за набљудување со вселенскиот телескоп Хабл.

Изборот од  470 000 различни видови ѕвезди, Кејн и Девени го свеле на околу 350 000 ѕвезди што поради својата температура и старост би можеле да понудат зони погодни за живот, односно да имаат “живи” егзопланети. Од страна на истражувачите била пресметана областа на животната зона околу секоја ѕвезда, односно реонот којшто овозможува да постои течна вода на површината на планетата. Повеќето од ѕвездите биле мали црвени џуџиња, што значело дека животните зони се наоѓаат на растојанија блиски до ѕвездата, што се должи на ниската температура што ја имаат овој вид ѕвезди.

Но, по разгледувањето на добиените резултати, научниците тие дошле до прилично мрачен заклучок, сите овие ѕвезди се наоѓаат преблиску една до друга за да овозможат стабилни планетарни системи. Земјата, на пример, се наоѓа на оддалеченост од околу 4,2 светлосни години од најблиската соседна ѕвезда, Алфа Кентаур. Ова растојание е предалеку за какво и да е гравитациско влијание од оваа ѕвезда врз ориентацијата на планетите во Сончевиот систем. Но, ваков не е случајот со ѕвезденото јато Омега Кентаур. Просечното растојание помеѓу ѕвездите во него изнесува само околу 0,16 светлосни години. На оваа далечина, секоја од ѕвездите се соочува со блиска средба со некоја од соседните ѕвезди, барем еднаш во милион години. Овие средби од основа ја изменуваат планетарната структура на секој ѕвезден систем. Па така, егзопланетата којашто претходно се наоѓала во рамките на животната зона, одеднаш може да се најде во студениот реон, во надворешниот дел од планетарниот систем или, пак да се приближи преблиску до ѕвездата што ќе донесе температури коишто ќе ја “испржат” површината на несреќната планета.

Целиот труд е достапен во претпечат, на серверот arXiv.

Ова не е прво истражување коешто го доведува во прашање постоењето на услови за живот во глобуларните ѕвездени јата, но претставува прва квантитативна анализа на ѕвезденото јато Омега Кентаур и на неговиот потенцијал за развој на живот. Од друга страна, пак, има и повеќе научници коишто претходно тврдеа дека во ѕвездените јата би можел да се развие и да се одржи вонземски живот.

Клучни зборови: