Кога слушаме музика, честопати удираме со нозете врз подот или мавтаме со главата во ритамот. Но, зошто го правиме тоа? Новото истражување, предводено од Институтот MARCS при Универзитетот на Западен Сиднеј, причината за ваквото однесување ја лоцира во начинот на којшто нашиот мозок ги обработува звуците со ниска фреквенција.
Истражувањето, објавено во Proceedings of the National Academy of Sciences, ја следело електричната активност на мозокот на волонтерите додека тие слушале повторувачки шаблони со ниски или со високи тонови. Истражувањето покажало дека додека слушале, мозочните активности на волонтерите и ритмичката структура на звукот се синхронизирале – особено во поглед на фреквенцијата на ударите.
Според коавторот на трудот, д-р Силви Нозарадан (Sylvie Nozaradan) од Институтот MARCS, овие наоди се силен показател дека басот го користи неврофизиолошкиот механизам во мозокот, принудувајќи го во суштина да го следи ритамот.
"Постојат низа докази што ја поддржуваат хипотезата дека селективната синхронизација на голем број неврони во мозокот со фреквенцијата на ритамот може да влијае на перцепцијата на музичкиот ритам и на движењето со него", вели д-р Нозарадан.
Иако ова истражување е важен исчекор во правец на разрешувањето на мистеријата зошто "танцуваме во ритам со тапанот", според коавторот д-р Петар Келер (Peter Keller) од Институтот MARCS, наодите може да се покажат како важни на полето на клиничката рехабилитација.
"Музиката сè повеќе се користи во клиничката рехабилитација при когнитивни и моторни нарушувања предизвикани од оштетување на мозокот и овие наоди, како и разбирањето на односот меѓу музиката и движењето, можат да помогнат во развојот на ваквите терапии", вели д-р Келер.
Истражувачкиот тим, кој вклучува уште двајца коавтори, д-р Мануел Варлет (Manuel Varlet) и Томас Ленц (Tomas Lenc), укажува на тоа дека иако ова истражување е важно за разбирањето на односот меѓу “басот” и движењето, сè уште постојат многу отворени прашања за механизмите што стојат зад овој феномен.
"Потребни се понатамошни истражувања за расчистување на тоа кои мрежи од мозочните области се одговорни за оваа синхронизација со ритамот и како таа се развива од раните детски години", вели д-р Нозарадан.
Во меѓувреме, наши предлози од бас-ритам линии за мозочна синхронизација