За првпат е набљудувано формирањето на егзотичната верзија на материјата наречена наноплазма.
Кога пулс од високоенергетски x-зраци ќе удри во група од неколку илјади атоми, тој ги избива и ги расфрла електроните од атомите, притоа создавајќи јонски гас наречен наноплазма. Плазмата има многу краток век, така што е навистина тешко да се набљудува нејзиното создавање.
Но, токму ова им тргнало од рака на Кијошу Веда од Универзитетот Тохоку во Јапонија и на неговите колеги. Тие насочиле моќен, но краткотраен импулс од икс-зраци кон група атоми на ксенон со неверојатно мали димензии, поточно збиена на нанометарски размери. По импулсот следел блесок од речиси инфрацрвена светлина, што на научниците им овозможило да го набљудуваат создавањето на наноплазмата.
Импулсот од x-зраци ги избил електроните од атомите на ксенон, со што се формирала наноплазма. Процесот траел, сè на сè, 12 квадрилионити делови од секундата. Импулсот создал и голема количина од високовозбудени атоми на ксенон, коишто меѓусебно се судирале, при што се формирале уште повеќе јони, во времетраење од неколку стотини квадрилионити делови од секундата.
Резултатите од истражувањето се објавени на почетокот од месец август, на сајтот на Physical Review и се отворени за пристап.