Рубрика: Астрономија и астронаутика
До каде сме во областа на космологијата?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 14.08.2018 - 12:15

Истражувајќи го универзумот и Сончевиот систем, космолозите стекнуваат сè понови сознанија, кои перманентно го збогатуваат нашето знаење за природата на космосот. Во овој напис ќе ги изнесеме најинтересните, новооткриени сознанија, но и некои енигми кои честопати се поврзани со некои од новите откритија, а кои чекаат научна разрешница.

Колкави се изгледите во прилог на заклучокот дека на Марс некогаш имало живот? Ова прашање особено се актуелизира откако роверот Curriosity откри траги од хемискиот елемент бор во камењата на еден Марсов кратер. Да објасниме, елементот бор е тесно поврзан со животот на нашата Земја, а неговото присуство на Марс, според научниците, значи дека некогаш на површината на Марс имало вода во течна состојба, основниот услов за постоење живот. Според тоа, не се занемарливи изгледите дека на Марс некогаш имало услови за живот. Но, ако постојат услови за живот не значи дека тој таму неминовно и се појавува, па истражувањата продолжуваат.

Колкави се изгледите за истражување на условите за живот на планети надвор од Сончевиот систем? Во таа насока, славниот физичар Стивен Хокинг предлагаше програма за истражување на вонземен живот, којашто предвидуваше да се изгради специјална сонда опремена со соодветни инструменти, и таа да се лансира кон планетскиот систем на најблиската ѕвезда Алфа Кентаури, па таму на лице место сондата би го вршела истражувањето. До таму таа би патувала со брзина од околу 20% од брзината на светлината и би стасала до целта за време од 24 години. Меѓутоа, технологијата сè уште не стасала до тој степен на развој за да ја реализира оваа програма.

Пред 20-ина години научниците сметале дека најголемите планети Јупитер и Сатурн со нивната огромната гравитација ги привлекуваат кон себе заталканите астероиди и комети, и со тоа тие ја заштитуваат Земјата. Но, според најновите истражувања, овие планети освен што ги привлекуваат талкачките објекти, можат и некои од нив да ги натераат да скршнат од нивната траекторија и да ги насочат кон внатрешноста на Сончевиот систем и со тоа ја зголемат опасноста за подоцнежен можен удар во Земјата.

Течна вода на Плутон? Според податоците од сондата на НАСА, Нови хоризонти (New Horizons), којашто е на мисија да го истражи Плутон, неговите месечини и Кајперовиот појас, постои индикација дека површинската ледена кора на Плутон постои цел океан од течна вода. Научниците проценуваат дека тој океан е со околу 30% салинитет, што е многу блиску до соленоста на Мртвото Море на Земјата. Мошне интересна индикација!

Планетата Венера денес е најжешка планета во Сончевиот систем, но, научниците веруваат дека на неа некогаш имало услови за живот. Имено, според едно од истражувањата за потеклото на планетите, научниците заклучиле дека пред околу 4 милијарди години на површината на  Венера постоеле океани со течна вода слично како и на нашата Земја. Океаните се одржале цели 2 милијарди години, што е доволно долго за да обезбедат појава и еволуција на живи организми. Според тоа, апсолутно е можно на Венера некогаш да имало услови за постоење на живот. Но, како и во други такви случаи, биолозите немаат одговор на прашањето дали секаде каде што има услови за живот, тој неминовно таму се појавува.

Која е староста на прстените и сателитите на планетата Сатурн? Сатурн има 62 сателити (месечини) и неколку прстени. Истражувањата извршени во рамките на мисијата Касини-Хајгенс сугерираат дека тие не се формирале во исто време кога се формирала планетата, туку се од поново време, од пред околу 250 милиони години, т.е. од времето кога на Земјата живееле диносаурусите.

Дали Сончевиот систем ќе ја има и деветтата планета? Математичкото моделирање на формирањето на Сончевиот систем укажува дека тој можеби е поголем од она што ние го знаеме. Имено, тој можеби има и деветта планета, која сè уште не е откриена. Оваа потенцијална планета е 10 пати помасивна од Земјата и е 20-ина пати подалеку од Сонцето отколку планетата Нептун.

Дали  Земјата е загрозена од астероиди? Денес е познато дека во близина на Земјата талкаат најмалку 15 000 поголеми астероиди. Заклучокот произлезе од програмата на НАСА во која почнувајќи од 2005 година наваму, космолозите откривале секоја недела во просек по околу 30-тина нови објекти во внатрешноста на Сончевиот систем. Научниците не ја исклучуваат можноста некогаш некој од тие објекти, под извесни услови, да ја измени неговата траекторија и да се насочи кон нашата Земја.

Постои ли планета со живот надвор од Сончевиот систем? Астрономите досега откриле повеќе егзопланети коишто орбитираат во т.н. “животна зона”. Најблиската е околу ѕвездата Проксима Кентаури. Тоа значи дека таа егзопланета има температура што овозможува да постои течна вода на нејзината површина. Останува уште научниците да утврдат дали таа има магнетно поле и соодветна атмосфера, па тогаш посигурно ќе се знае дали поддржува живот. Но, дали на неа навистина има живот, тоа ќе биде далеку потешко да се утврди.      

Дали некогаш научниците ќе бидат способни да го откријат механизмот за создавање на универзумот? Интересно прашање. Досега научниците се приближиле кон одговорите на ова прашање со две клучни сознанија. Најден е доказ за постоење на црните дупки, а во февруари 2016 година откриен е доказ и за постоење на гравитациските бранови. Ова укажува дека некогаш, во иднината, научниците ќе бидат способни да го детерминираат и механизмот за создавање на универзумот.

Постојат уште многу други сознанија, но, ние тука ќе завршиме, сметајќи дека ги изнесовме најбитните и најинтересните.

Клучни зборови: