Космосот изобилува со разни физички појави, а научниците ги откриваат според електромагнетските сигнали со коишто тие појави се проследени. Овие сигнали стасуваат до нас во вид на разни светлински блесоци, импулси и електромагнетски радиозрачења. Научниците веќе научиле врз основа на нив да ја препознаат физичката појава и да го идентификуваат изворот од којшто тие потекнуваат, како на пример, експлозија на колапсирачки ѕвезди, експлозија на црни дупки, пертурбации во ѕвездите пулсари итн. Меѓутоа, деновиве една екипа истражувачи идентификувале многу чуден, силен радиоимпулс, којшто не кореспондира со ниту една друга индикација позната на научниците. Според тоа, изворот од којшто потекнува тој сигнал, ним им остана наполно непознат.
Идентификуваниот сигнал бил невообичаено силен, со екстремно кусо времетраење, сè на сè неколку милисекунди, со фреквенција од околу 500 MHz, односно 200 MHz пониска од вообичаената којашто изнесува околу 700 MHz, а која вообичаено е индикација за појавите што на научниците им се познати. Со тоа, пред научниците се отвори нова космичка мистерија. Од кој извор потекнува тој невообичаено силен и специфичен сигнал? Откритието на сигналот е објавено во научното списание The Astronomer's Telegram.
Поради краткото времетраење на импулсот, научниците немале можност подетално да го истражуваат. Сепак, според неговата невообичаено ниска фреквенција, тие заклучиле дека најверојатно се работи за некој екстремно сјаен светлински настан, создаден од некој неразбирливо силен енергетски извор, некаде во длабочината на космосот. Веќе има некои научни размислувања за можното потекло на овој таинствен сигнал: избивање од некоја неутронска ѕвезда со многу јако електромагнетско поле или експлозија на црна дупка. Патем, да кажеме дека ваков таинствен сигнал не им е наполно непознат на научниците. Имено, тие првпат детектирале ист таков сигнал уште пред околу десетина години. Во тој контекст, интересна е изјавата на Кристофер Конселис (Christopher Conselice), професор на Универзитетот за астрофизика во Нотингем, кој не бил дел од истражувачката екипа. “Вакви сигнали можеби пристигнуваат на нашата планета илјадници пати дневно, но ние сè уште немаме доволен број соодветни уреди за нивна идентификација и проучување”, изјави тој за The Daily Mail. Меѓутоа, исто така интересна е и изјавата на Ави Либ (Avi Loeb), научник од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан. Имено, тој изјавил дека “нужно е ново истражување на сигналот, но притоа треба е да се размислува и за можно вештачко потекло на тој сигнал, т.е. потекло од некоја напредна вонземска цивилизација”.
Откритието е реализирано со употреба на новоизградениот, интерферометарски радиотелескопски систем CHIME (Canadian Hydrogen Intensity Mapping Experimental), изграден во планинските предели на Британска Колумбија, Канада. Тој содржи 4 секции, секоја со по 100х20 m полуцилиндрични сегменти, поврзани со 1024 двојно поларизирани радиоприемници, конструирани за прием во фреквентното подрачје од 400 до 800 MHz. Во активен погон се наоѓа од пред околу 6 години. Прислушувањето на космичките сигнали и натаму континуирано се следи, па можни се нови сознанија.