За првпат, бели дробови создадени во лабораторијата успешно беа трансплантирани во свињи.
Белите дробови создадени со биоинженеринг, опишани во трудот објавен на 1 август, во онлајн-изданието на Science Translational Medicine, развиле здрави крвни садови што овозможиле свињите да живеат неколку недели по операцијата без медицински компликации. Се работи за значителен чекор напред. Досега, лабораториски синтетизираните бели дробови, имплантирани кај глодари, откажувале во период од неколку часа, уште пред белите дробови да успеат да развијат комплексна мрежа од крвни садови коишто се неопходни за долгорочно преживување.
Ако новата постапка може да се приспособи за примена на луѓе, со синтетизираните бели дробови коишто ќе се одгледуваат од сопствените клетки на пациентот, би можеле да се намалат ризиците од отфрлање на органите и времето на чекање за трансплантација на органи. Само во САД, во моментов, на листата на чекање за нови бели дробови се наоѓаат 1500 пациенти, а просечното време за чекање е неколку месеци.
Имунологот Џоан Николс (Joan Nichols) од Медицинскиот оддел на Универзитетот на Тексас во Галвестон, заедно со колегите, синтетизирале бели дробови за четири свињи, најнапред користејќи мешавина од шеќер и детергент за да издвојат клетки од белите дробови на свињите-донори. Со ова добиле стерилизирани, бисерно бели, структурни решетки во облик на белите дробови, направени од меѓуклеточни протеини. По ова истражувачите направиле репопулација на секоја од решетките со крвен сад и клетки од белите дробови од свињата што требало да го прими органот.
На синтетизираните бели дробови им биле потребни 30 дена за да пораснат во биореактивниот резервоар, исполнет со коктел од хранливи материи кои им помагале на клетките да се лепат за решетката и да се размножуваат на вистинските места. Истражувачите потоа го замениле левото белодробно крило на секоја од свињите со добиената синтетизираната верзија.
Тимот на Николс успеал техологијата на трансплантацијата постепено да ја усоврши до тоа ниво што првата свиња успеала да преживее 10 часа по трансплантацијата, втората уште две недели, третата еден месец, а четвртата два месеца. По смртта на секоја свиња, истражувачите правеле аутопсија на животното за да видат како новите бели дробови се интегрираат во телото на свињите со текот на времето. Ниту едно од животните не било подложено на имуносупресивни третмани, а ниту една од трансплантациите не била отфрлена. Во телото на свињите, крвните садови од лабораториски пораснатите бели дробови се вклучиле во природниот циркулаторен систем на животното, снабдувајќи го органот со кислород и хранливи материи. Притоа свињата којашто живееала два месеца не покажала никакви знаци на респираторни проблеми, а белите дробови ја имале само микрофлората којашто и нормално се наоѓа кај здрави свински бели дробови, што значи дека органот добро се интегрирал во телото.
Но, синтетизирањето на бели дробови ќе мора да почека уште малку за примена кај луѓето. Имено, иако белите дробови се поврзале со циркулаторните системи на свињите, органите сè уште не биле поврзани со пулмоналните артерии на животните – коишто вршат довод на крв што белите дробови треба да ја дополнат со кислород од воздухот што се вдишува. За оваа функција, постоперативно свињите можеле да се потпрат само на своите природни белодробни крила.
Следен чекор во развојот на оваа техника е вклучувањето на пулмоналната артерија којашто ќе осигура нормална функција на белите дробови и извршување на нивната задача – оксидација на крвта.