Рубрика: Астрономија и астронаутика
Синкаст метеорит ја открива најраната младост на Сонцето
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 06.08.2018 - 12:30

Уметничка визија за потеклото на синкастиот метеорит

Откако астрономите утврдиле дека ѕвездите во нивната најрана фаза на формирање се енергетски неверојатно активни, продуцирајќи бројни и силни ерупции со интензивно исфрлање на разни наелектризирани честички, научниците теоретичари претпоставиле дека истата таа активност ја имало и нашето Сонце во неговата најрана фаза од животот. Меѓутоа, таа најрана активност на Сонцето не е лесно видлива, бидејќи во Сончевиот систем нема реквизити кои може да ја покажат најраната сончева младост. Сепак, случајот не е безнадежен. Имено, научниците располагаат со извесен реквизит, за којшто се надеваат дека потекнува токму од најраниот период на животот на Сонцето, па тој им послужи во потрагата по доказ за најраната сончева активност. Се работи за примерок од метеорит со синкаста боја, којшто паднал на Земјата во 1969 година, близу до градот Марчисон (Murchison) во Австралија, но анализата за неговиот состав беше интензивирана неодамна. Според местото каде што паднал, тој е познат како метеоритот од Марчисон (Murchison meteorit), а денес се чува во Природонаучниот музеј Филд во Чикаго. Метеоритот им е добро познат на научниците по изобилството на органски молекули во него, што ја подгрева опцијата дека органската материја на Земјата потекнува од космосот. Но, таа тема не е предмет на овој напис, па ќе ја оставиме настрана.

Според сценариото за најраната сончева активност, од пред околу 4,5 милијарди години, Сонцето, како и сите ѕвезди, исфрлало честички од гас и прашина, од кои околу него се формирал гигантски диск. Од исфрлените честички започнале да се формираат најраните минерали во нашиот Сончев систем, всушност микроскопски видливи кристали наречени “хибонити” (hibonites). Научниците теоретичари претпоставиле дека е многу веројатно некои од исфрлените честички да имале кристали од калциум и алуминиум во својот состав, чии атоми се расцепувале и формирале помали атоми на елементи од групата благородни гасови, пред сè на хелиум и неон. Остатокот од кристалот се инкорпорирал во каменитите тела кои како метеорити повремено паѓале на Земјата. Во анализата на метеоритот, научниците барале атоми од наведените инертни гасови – хелиум и неон, како доказ дека синкастиот метеорит потекнува од честичките исфрлени од Сонцето во неговата најрана младост, а не од протопланетарниот облак од којшто потекнува целиот наш Сончев систем. 

Анализата на составот на метеоритот научниците ја направиле со спектрометар, специјално дизајниран за да ги открива наведените инертни гасови, хелиумот и неонот. Постапката е следна: најнапред со ласерски зрак се стопува мал дел од астероидот, а потоа во дејство стапува спектрометарот, кој ја открива структурата на астероидот. На тој начин, истражувачите во структурата на астероидот наишле на уверливи докази коишто јасно го покажуваат присуството на благородните гасови хелиум и неон. Според нив, тоа е конкретна потврда за потеклото на астероидот од сончевата активност во неговата најрана младост. Откритието е објавено во научното списание Nature Astronomy.

За волја на вистината, и претходно научниците имале индикации за постоење на ваквата активност на Сонцето. Имено, во многу од претходно паднатите метеорити бил откриен радиоактивен берилиум-10. Но, сепак, научниците не беа сигурни дека тој елемент не потекнува од протопланетарниот облак од којшто потекнува целиот наш Сончев систем.

Истражувањата продолжуваат и понатаму, вклучувајќи ги и најстарите метеоритни кристали, во надеж дека тоа ќе помогне да се откријат деталите во врска со протопланетарниот облак од гас и прашина, од којшто потекнува целиот наш Сончев систем.

Уметничка визија за потеклото на синкастиот метеорит

Уметничка визија за потеклото на синкастиот метеорит