Рубрика: Медицина
Зошто раните во устата заздравуваат побрзо?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.08.2018 - 13:00

Раните во устата зараснуваат побрзо од повредите на други делови на кожата, а сега научниците се обидуваат да дознаат како устата залекувањето го прави побрзо.

Според истражувањата објавени во Science Translational Medicine,  некои од поголемите регулатори на активноста на гените се вклучени во “прекувремената” работа која устата ја презема во залекувањето на раните без лузни. Овие регулатори коишто всушност претставуваат протеини, познати како SOX2, PITX1, PITX2 и PAX9, се активни во кожните клетки наречени кератиноцити во устата, но не и во клетките на кожата од раката. Регулаторите го држат под контрола воспалението коешто  може да доведе до создавање на лузни, а ги вклучуваат  молекуларните програми поврзани со движењето на клетките и затворањето на раните, велат истражувачите од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Националниот институт за здравство во Бетесда, Мериленд.

Разбирањето на механизмите за брзо зараснување на раните во устата може да донесе терапии со кои раните на кожата би се залекувале без лузни. Бидејќи регулаторите се вклучени во многу биолошки процеси, вклучувајќи го и развојот на организмот, научниците треба да се откријат кој од овие процеси е најзначаен при заздравувањето на раните, вели Луис Гарса (Luis Garza), истражувач на процесите во кожата и дерматолог при Факултетот за медицина Џон Хопкинс. Споменатото истражување моѓе да понуди некои одговори.

Споредба на брзината на заздравување на рани во устата и на раката

Истражувачите направиле мали ранички со иста димензија во устата и на внатрешниот дел од надлактицата кај 30 доброволци. Раните во устата зацелиле за околу три пати побрзо од раните направени во кожата на раката. Во просек зацелувањето се одвивало со брзина од околу 0,3 милиметри на ден кај раните во устата споредено со нешто помалку од 0,1 милиметар на ден кај раните на раката. Намалувањето на количините на PITX1 и SOX2 во кератиноцитните клетки во устата одгледувани во лабораториски садови довело до промена во активноста на гените поврзани со клеточното движење. Зголемување на нивоата на SOX2 во кожата на глувците го скратило времето на лекување од девет на речиси три дена.

Можеби не треба да изненадува тоа што површинскиот слој во усната празнина и другите слузокожни мембрани брзо заздравуваат. Според Гарса ова можеби се должи на еволуцијата на 'рбетниците во океанот. Тој уште додава: "Голем дел од нашето време сме го поминале учејќи како да ги заздrавиме рани под вода. Затоa, има смисла тоа штo раните на нашата влажна слузница заздравуваат многу добро".

Клучни зборови:
Споредба на брзината на заздравување на рани во устата и на раката

Споредба на брзината на заздравување на рани во устата и на раката