Не, не е околу 50 грама колку што изнесува тежината на популарниот чоколаден десерт. Мерењето на тежината на нашата галаксија, Млечниот Пат, не е едноставна работа. Не постои вага или инструмент со којшто таа може директно да се измери. Сепак, постојат низа постапки со коишто се добива прилично точна бројка кога е во прашање тежината на нашиот галактички дом.
Најчестата постапка за мерење на тежината на Млечниот Пат е преку следење на гравитациската интеракција меѓу галаксијата и објектите коишто орбитираат околу неа. Со мапирање на движењето на сателитските галаксии и ѕвездените струи, научниците можат да направат процена за големината на нашата спирална галаксија.
Едно неодамнешно истражување на овој метод му даде нешто поинаков облик. Наместо да се фокусираат на позицијата или брзината на околните објекти, истражувачите го свртеа вниманието кон нивниот аголен момент. Според членовите од тимот, оваа карактеристика на објектите е постабилна.
За илустрација на оваа појава, водечкиот автор на трудот, Екта Пател (Ekta Patel), постдипломец на Универзитетот на Аризона, на одделот за астрономија, и на опсерваторијата Стјуард, ја прави споредбата со лизгач што прави пируета на мразот. Тој манипулира со рацете, приближувајќи ги кон телото за побрзо да се заврти, и притоа брзината на вртењето се зголемува, но аголниот момент останува ист во текот на целата изведба.
Пател и нејзиниот тим користеле 3D-модели на девет од 50 познати сателитски галаксии во Млечниот Пат, споредувајќи го нивниот измерен аголен момент со симулиран универзум од 20 000 галаксии домаќини кои наликуваат на нашата галаксија. Тие пресметале дека тежината на Млечниот Пат е за 960 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето.
Но, ова не значи дека нашата галаксија е домаќин на речиси трилион ѕвезди. Постојат голем број ѕвезди коишто се многу поголеми од нашето Сонце. Освен тоа, астрономите сметаат дека ѕвездите, гасот, правот и другите видливи објекти сочинуваат само 15% од вкупната маса на универзумот. Остатокот од масата отпаѓа на мистериозната темна материја, којашто не може директно да се детектира.
Повеќето астрономи сметаат дека Млечниот Пат содржи некаде помеѓу 100 и 200 милијарди ѕвезди.
Резултатите на тимот одат во прилог на идејата дека галаксијата Андромеда, позната и како М31, е помасивна од нашиот Млечен Пат. Разбирањето на галаксијата Андромеда е важно бидејќи за околу 4,5 милијарди години таа ќе се судри со Млечниот Пат. Во моментов, Андромеда се приближува кон нас со брзина од околу 110 километри во секунда.
Понатамошните набљудувања од европското вселенско летало Гаја и Големиот телескоп за синоптички истражувања во Чиле, којшто треба да биде ставен во функција следната година, ќе помогнат во понатамошно прецизирање на мерењата поврзани со сателитските галаксии, обезбедувајќи попрецизен број за нивниот аголен момент.
Трудот е објавен во април, во The Astrophysical Journal. Пател ги претстави резултатите во јуни, на 232. состанок на Американското астрономско друштво во Денвер.