Болка. Жаречка, прободувачка, остра, тапа, вие, пече, растргнува... постојана или периодична, поднослива... каква и да е – болка е, никој не ја сака.
Болката е алармен систем на човековото тело. Таа е појава и начин нашиот организам да осознае дека нешто не е во ред. За ова е заслужен нервниот систем составен од три заемно поврзани системи: сензорите со своите аферентни нервни влакна, еферентните нервни влакна со мускулите и жлездите што ги опфаќаат и централниот нервен систем со продолжениот мозок на ‘рбетниот столб и мозокот.
Постојат две спротивставени теории за механизмот на блокада на болката, иако не е исклучена можноста за точност и меѓусебно надополнување на двете. Се смета дека струјните импулси од ТЕНС генераторот заемно содејствуваат и ги блокираат нервните импулси на патот од рецепторите кон центрите за болка. Другата теорија е дека стимулаторот ја зголемува продукцијата на ендогените смирувачи на болка, ендогените аналгетици наречени ендорфини и енкефалини. Како и да е, едно е точно, стимулаторот функционира и ја остварува својата намена, смирување на болката.
Комерцијалните ТЕНС уреди, во зависност од квалитетот и можностите, вообичаено чинат од 50 до 200 евра, но читателите на Емитер воглавно се приврзаници на максимата “Направи сам“. Емитер не би бил тоа што е ако нема понудено и таков проект за самоградба – во статијата ТЕНС - Електронски елиминатор на болка од ЕМИТЕР 3/2008 содржани се сите неопходни информации, цртежи и слики за успешна реализација на овој уред. Тој генерира струјни импулси коишто преку кожата доаѓаат до нервните влакна што ја пренесуваат болката, при што ги блокира импулсите на болка кои патуваат до мозокот. Погоден е за стимулација на оштетени нерви и за отстранување болки од повеќе заболувања: невралгии, лумбаго, ишијас, ревматски заболувања, артритис, мускулни и скелетни болки, воспаленија, малигни заболувања, повреди и др.
Уредот е направен според концепт на неколку функционални единици:
– напојување со step up конвертор и извор на константна струја;
– осцилатор со излезен драјвер; и
– астабил за периодично/циклично прекинување на работата на осцилаторот.
Стимулаторот е изграден како пренослив уред, со димензии на ППК од 85 x 65 mm, одредени од димензиите на пластичната кутија во којашто е вграден (35 x 90 x 110 mm). Напојувањето е автономно, со батерија, а уредот се изработува со евтини и лесно достапни компоненти. Значајно олеснување за изработката е готовата плочка со печатено коло ППК307 од нашиот ППК сервис.
За крај, ве оставаме со латинската изрека Sedare dolorum, divinum opus est (Да се смири болката е божје дело). Се надеваме дека таа ќе ви помогне да се решите за самоградба на овој проект.