Електроните и позитивно наелектризираните празнини во атомските решетки на материјалот се групираат заедно, за да создадат стегната формација наречена колексон, беше објавено минатата недела во Communications Physics. Оваа нова класа на квазичестици, квантни формации коишто се однесуваат како една субатомска честичка, може да им помогне на научниците подобро да ги разберат полуспроводниците, кои се неопходни при конструкцијата на современите електронски склопови.
Колексонот има слични својства со една друга квазичестичка – екситонот, спарување на електрон и празнина. Но, додека овие парови се осамени кај екситони, паровите електрон-празнина кај колексоните се здружуваат во околното море од електрони, пишуваат Кристијан Ненстил (Christian Nenstiel), физичар при Техничкиот универзитет во Берлин, и неговите колеги.
Откритието е направено кога атоми на германиум биле вметнати во полуспроводник од галиум нитрид, а потоа во материјалот била поттикната фотолуминсценција со помош на ласер. При слични експерименти, емисиите од екситони избледеле со зголемување на бројот на нечистотиите во материјалот, како што се и вметнатите атоми на германиум. Но, овој пат, и при високи концентрации на вградените атоми, светлината блескала на бранови должини коишто се различни од оние емитувани од екситоните. Тимот заклучил дека големиот број скитачки електрони, воведени од германиумот, помогнале да се стабилизираат екситоните за да се формира нов тип на квазичестички.
Сè уште е рано да се предвиди можната примена на ова откритие, вели коавторот на трудот Гордон Калсен од Сојузната Политехничка школа во Лозана, Швајцарија. Откритието покажува дека честопати истражувачите ја потценуваат интеракцијата меѓу групите на честички во полуспроводниците.