Со исклучок на Земјата, планетата Марс е најистражуваната планета во Сончевиот систем. Имено, од 1960 година до денес, на Марс се упатени десетина летала, лендери, орбитери, ровери. Од сите нив, денес на површината на Марс е активен роверот Кјуриосити (Curiosity), а во орбитата околу Марс кружат три орбитери – Mars Odyssey, Mars Express и Mars Reconnaissance Orbiter. Целта на истражувањата е насочена воглавно кон откритијата врзани за можно постоење на живот во неговата најрана историја. Во таа насока, досега се потврдени неколку претходни сознанија, а неодамна научниците објавија дека откриле езеро со течна вода под ледената површина на јужниот пол на Марс.
Идејата за потрага по потповршински езера со течна вода на Марс е инспирирана од сознанието за постоечки такви езера на Земјата, едното под Антарктикот, другото под почвата на Гренланд. Па зошто, тогаш, такви езера не би постоеле и на Марс? Истражувањето беше реализирано на радарски принцип, со употреба на орбитерот Mars Express на Европската вселенска агенција (ESA). Имено, во орбитерот е вграден инструментот MARSIS којшто емитува радарски импулси кон површината на Марс. Радарските импулси се одбиваат од почвата назад и се примаат во наведениот инструмент. Сега доаѓа најбитното. При одбивањето од почвата, тие претрпуваат одредена фреквентна и амплитудна девијација, зависно од структурата на материјалот од којшто се одбиваат. Со анализа на девијацијата, научниците ја откриваат структурата на почвата од којашто тие се одбиле. На тој начин, научниците идентификувале специфични девијации во повратните импулси во одреден регион на јужниот пол на Марс. Девијациите, според нив, не може да потекнуваат од ништо друго освен од рефлексија од течна вода, стационирана под површината на тој регион! Според радарските податоци, тоа потповршинско езеро има пречник од околу 20 km, а лежи на околу 1,6 km под површината на ледената кора. Дури и повеќе од тоа, според типот на девијацијата на повратните радарски импулси, истражувачите заклучиле дека водата во езерото има одреден соленитет, но не успеале точно да ја одредат и длабочината на езерото.
За да бидат сигурни во својот заклучок, истражувачите подолго време ги следеле прелетите на орбитерот над тој регион и притоа континуирано ги студирале девијациите на рефлектираните зраци. Освен тоа, тие ја земале предвид и можноста за некои други сценарија за објаснување на наодот, вклучувајќи ја и можноста од постоење на потповршински слој од јаглерод диоксид наместо вода, меѓутоа по исцрпна анализа, сите тие сценарија беа исклучени, и откритието конечно јавно го објавија на 25 јули, во научното списание Science.
“Ова е првото место на Марс на коешто е можен живот”, изјави Роберто Оросеи, научник од Националниот институт за астрофизика во Болоња, Италија. “Не знаеме дали таму навистина постои живот, но ако барате живот на Марс, тогаш ова е едно од првите места кадешто треба да го барате!”, – завршува тој.