Рубрика: Астрономија и астронаутика
Специфичниот проект за истражување на жешката планета Венера
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 26.07.2018 - 14:00

Планетата Венера, со својата отровна атмосфера, полна со облаци од сулфурна киселина, температура над 450°C и атмосферски притисок од 92 бари на нејзината површина, е меѓу најнепријателските средини во Сончевиот систем. Токму затоа досегашните истражувања на нејзината природа имаа само минимален, симболичен учинок. Имено, првите истражувачки сонди коишто се спуштиле на нејзината површина, советските сонди Венера и Вега, и сондата Пионер на NASA, останале во “живот” само 23 до 127 минути  пред да им биде целосно уништена електрониката. Мал напредок беше постигнат во подоцнежната мисија на NASA, Venus flagship, реализирана со уреди од поотпорен материјал. Но, сепак и тие останаа во “живот” само 5 часа.

Клучот за решението на тој проблем одделот за ракетни и други погони на НАСА, Jet Propulsion laboratory, го гледа не само во употребата на нови температурно отпорни легури, туку и во целосна замена на ранливата електроника со механички систем. Ова би овозможило сондата да преживее, ако не неколку месеци, барем неколку недели на високата температура каквашто постои на површината на Венера и во тоа време да собира важни податоци за климатските услови и за сеизмичката активност на планетата, како и да ги испрати кон Земјата. Проектот е наречен AREE (Automation Rover for Extreme Enviroments), и во принцип тој е разработен, а останува да се доразработат уште само некои детали. Шематски приказ на неговиот концепт е покажан на сликата во прилог, па ќе го објасниме!

Интересно е како роверот откако ќе се спушти на површината на Венера, ќе се напојува со енергија без електроника, и како ќе собира податоци и ќе испраќа кон Земјата?! Решението е во неговото напојување со механичка енергија, т.е. збир од кинетичка и потенцијална енергија, а не со електрична! Механичката енергија ќе се добива од ветар, кој дејствувајќи на перките на турбината вградена во модулот, ќе создава кинетичка енергија во облик на ротациско вртење на осовина,  која вртејќи се ќе дејствува на затегање на една механички еластична спирала, слично како рачно навивање кај старите механички часовници. На тој начин, кинетичката енергија произведена во турбината ќе биде  “складирана” како потенцијална енергија во еластичната спирала, и ќе биде достапна за употреба при различни активности на роверот. Тоа значи дека сите инструменти и компјутерскиот систем за забележување на податоците, треба да функционираат на механогравски принцип, слично како механогравското запишување на звукот на поранешните грамофонски плочи. Па ете, враќање на механичките пресметувачки машини, познати од времето на Леонардо да Винчи! Механогравските податоци ќе се запишуваат на специјални плочки, кои ќе се пренесуваат со балони до една соларно напојувана релејска сонда (види ја сликата во прилог). Таа ќе лебди над површината, на безбедна височина, каде што условите не се пеколни какви што се на површината. Релејската сонда ќе ги дешифрира механогравски запишаните податоци, ќе ги трансформира во  електронски и ќе ги пренесува натаму во орбитерско летало, кое нив ќе ги емитува кон Земјата. Интересно, зарем не?

Останува да причекаме до реализацијата на овој интересен проект!

Клучни зборови: