Рубрика: Биологија
"Паметни растенија" за паметни домови
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.07.2018 - 15:45

Инспирирани од детекторите за чад и надгледувањето со паметни уреди во домовите, научниците употребиле генетски инженеринг за да создадат растенија што можат да ги почувствуваат штетните хемикалии што ги создава мувлата, но и некои други видови габи. Растенијата потоа ги предупредуваат сопствениците на домот за опасноста.

Ако научниците откријат како домашните растенија реагираат и на други закани, како што е присуството на радон и патогени во воздухот, тие еден ден би можеле да создадат "паметни растенија" кои би можеле да се справат со цела низа проблеми.

Идејата не е нова и веќе е претходно тестирана на фарма, пишуваат научниците во извештајот објавен во списанието Science. Имено, од 2012 до 2013 година, биолозите модифицирале примероци од еден вид тутун (Nicotiana tabacum) кои создавале големи количества портокалови флуоресцентни протеини при присуството на бактерии кои предизвикуваат болести. За оваа намена, истражувачите најнапред ги идентификувале гените во геномот на тутунот што реагирале на штетни хемикалии во воздухот, познати како испарливи органски соединенија. Потоа, тие вметнале синтетички "промотори" во растителната ДНК за да го зголемат нивото на реакцијата. Кога генетски модифицираните растенија почувствувале присуство на бактерии, нивните клетки реагирале со создавање на портокаловиот флуоресцентен протеин. За да го откријат сигналот, фармерите требало само да стават очила за филтрирање на светлината и да видат дали растенијата светат портокалово кога се изложени на зелена светлина. Ова истражување е претходно објавено во Plant Biotechnology Journal.

Технологијата наскоро може да се премести во домовите, каде што "живи ѕидови" од генетски модифицирани растенија би можеле да се постават во близина на вентилациските отвори, каде што тие би можеле да ги почувствуваат токсичниот раст на мувла и вирусите кои се пренесуваат преку воздух, како што е грипот. Слично како кај тутунот, за да се детектира сигналот, ќе биде потребно собните растенија да се осветлат, овојпат со ултравиолетова светлина. Научниците се надеваат дека наскоро во составот на собните билки ќе откријат и протеини кои би можеле да создадат сигнал видлив со голо око.

Но, пред ова да стане реалност, научниците ќе треба да анализираат ДНК од неколку видови собни растенија за да ги дознаат видовите на реакции што би можеле да се манипулираат, како и кои видови сигнали можат да се создадат. Ова се должи на тоа што за разлика од житните култури и популарните цветни растенија, многу малку е познато за гените на собните билки. Откако ќе бидат откриени гените коишто ќе можат да се манипулираат, очекувајте наскоро smart home мониторите да добијат и нов светлосен сигнал кој ќе детектира дали во домот имате здрава средина.

 

* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings, запченикот во долниот десен агол, и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.

Клучни зборови: