Темпоматот или уредот (автоматиката) за одржување на константната брзина на автомобилот, без разлика на конфигурацијата на теренот или некои други нарушувачки фактори, е драгоцен пронајдок кој ја подобрува удобноста при возењето и секако, заштедува енергија (гориво).
Почетоците на изумот влечат корени уште од парната машина на Џејмс Ват, кој со помош на центрифугален регулатор (како повратна информација за моменталниот режим на работа, т.е. затворена панделка (јазол)) ја регулирал работата на парната машина. Но дури во 1940 година, инженерот Ралф Титер (Ralph Teeter) развил конструкција за современо поимање на темпоматот применет кај автомобилите. Тој од сајлата на брзиномерот зема податок за посакуваната (потребната) брзина на движење на автомобилот и преку сложена механичка автоматика го отвора или го затвора придушувачот од карбураторот (гасот), со што ја одржува константна брзината на движење на автомобилот, независно од оптоварувањето на моторот (конфигурацијата на теренот). Но дури во следните две декади, полека почнува да се применува темпоматот во сериски произведените автомобили во САД. Тогаш, тој не бил добро прифатен од потрошувачите. По првата голема нафтена светска криза од 1973 година, популарноста на темпоматот нагло пораснала затоа што тој придонесувал за нагласена заштеда на гориво (темпоматот ги елиминира инерцијалните сили при забрзувањето на автомобилот, оти при примена на темпоматот забрзувањето на автомобилот е нула) а ако имало делници во коишто погонот од моторот не би бил потребен при одржување на брзината, моторот се исклучувал.
Денеска, благодарение на електрониката и информатиката, темпоматите се доведени до совршенство и се интегрирани и во други системи од безбедносен карактер, без кои современиот автомобил не може да се замисли. Некои од тие системи се системот за автоматско одржување на прописно растојание од автомобилот пред нас, автоматскиот пилот, системите коишто посебно се развиени во воените возила, а се однесуваат на возење во колона итн.
Со оваа иновација завршуваме со темите од овој серијал кои се преземени од интернет-страницата interestingengineering.com што е, според моето скромно мислење, коректен избор. Се разбира, секој од вас може да си направи листа по сопствен избор. Подредувањето на иновациите е по случаен избор.
Се надевам дека серијалот ја задоволи вашата љупопитност и желба за усвојување на нови знаења. Секако, ако овој серијал ве поттикне во натамошни продлабочени проучувања и студиозни анализи на темите, тоа ќе биде првиот знак дека мојата мисија со овој серијал успешно сум ја завршил. Искрено се надевам дека по овој серијал, вашиот интерес за автомобилите ќе биде нагласен. ЕМИТЕР секогаш ќе биде тука со вас, за да ја изгасне вашата жед за новости, информации и едукација во врска со автомобилите и, воопшто, автомобилската техника, а и многу пошироко – од сите области на науката и техниката. ЕМИТЕР тоа го може и најважно е што тоа го прави.