Некаде кон почетокот на 20 век (1900 година), автомобилите стануваат се побројни на улиците во урбаните средини и почнуваат да се случуваат првите сообраќајни незгоди. Брзините биле релативно мали, па сè се завршувало само на материјални штети на автомобилите, излозите од продавниците и куќите, поради неисправните сопирачки, системите за управување и непостоењето на унифицирани правила на однесување во сообраќајот на ниво на стандарди. Ударите на (кон) пешаците не спаѓаат во оваа проблематика, иако и тие влијаат на неа. Е, токму еден од тие стандарди и унифицирано правило на однесување во сообраќајот, кое е многу заслужно за безбедноста, се токму трепкачите на автомобилите. Накратко: денешното поимање на трепкачите е дека тоа претставува светлосен сигнал со жолта боја (во САД е со црвена боја), кој трепка со фреквенција од 60 до 120 пати во минута, со јачина на светлинскиот извор од околу 370 лумени, што одговара на класична светилка од 21 W, односно околу 6 W за лед-светилка. Но, како започнало сè?
Првите обиди да се устоличи некој универзален знак (правило) со којшто ќе се покаже намера за промена на правецот на движење на автомобилот, датираат од 1907 година, со помош на трепкачки индикатори кои се претходница на денешните трепкачи. Во 1938 година е пријавен првиот патент што се смета за официјален почеток на модерното регулирање на правилата во оваа сфера. Овај патент е одобрен и е воздигнат на задолжителна законска регулатива, при што конечно се воведува ред и поредок во правилата за управување со автомобилот, во делот на промена на правецот на движење. При ова, овој проблем е и правно покриен, така што во текот на судските постапки веќе не поминуваат одбраните од типот: “не видов”, “од кај да знам на која страна ќе свртеше” или “не знаев” или “зошто повнимателно не погледнал” итн.
Денеска, благодарение на техниката и технологијата, оваа проблематика е регулирана и е доведена до совршенство, така што модерните трепкачи треперат со точна фреквенција, притоа испуштаат и звучен сигнал на секој трепет, рачката од трепкачот (прекинувачот, види на слика 1) сам се враќа во исклучена состојба кога свијокот е поминат итн.
Треба да се знае дека трепкачот исклучиво се користи во случаи кога сме на крстосница и имаме можност да одбереме повеќе правци по кои ќе го продолжиме патувањето. Значи, со давање на сигнал со трепкач им даваме на знаење на останатите учесници во сообраќајот за нашата намера по кој пат ќе го продолжиме патувањето, т.е. кој е нашиот избор од возможните неколку опции за правецот на нашето движење.