Шеќерот ја подобрува меморијата кај повозрасните лица, а ја зголемува и нивната мотивација за извршување на тешки задачи со полн капацитет, вели најновото истражување спроведено од Универзитетот во Ворвик. Истражувањето е дело на докторандот Константинос Мантанцис, професорката Елизабет Мејлор и д-р Фридерике Шлагекен во Одделот за психологија во Ворвик. Резултатите од истражувањето укажуваат дека зголемувањето на шеќерот во крвта не само што ја подобрува меморијата и перформансите, туку повозрасните биле и посреќни додека ја извршувале задачата.
Истражувачите на дел од испитаниците поделени во две различни возрасни групи, едната помлада со возраст од 18 – 27 години, а другата на возраст од 65 – 82 години, им поделиле пијалоци кои содржат мала количина на гликоза. На другите учесници во истражувањето им бил даден плацебо пијалак со вештачки засладувач. Потоа, на двете групи им биле поставени серија задачи за чие извршување требало да ја ангажираат и меморијата.
На учесниците им било мерено нивото на ангажман при извршување на задачата, резултатот и расположението, а била оценувана и субјективната перцепција на учесникот за напорот употребен за извршување на задачата. Било откриено дека зголемувањето на енергијата со помош на зашеќерениот пијалок може да им помогне и на младите и на повозрасните да вложат повеќе труд, споредено со оние кои добиле пијалок со вештачки засладувач. Но, кај младите ова е единствениот позитивен ефект, гликозата не го подобрила нивното расположение ниту, пак, нивната меморија. Повозрасните кои пиеле зашеќерен пијалак покажале подобра меморија и попозитивно расположение, споредено со другите повозрасни лица кои биле во плацебо групата. Покрај тоа, иако објективните мерки на ангажманот покажале дека повозрасните лица во групата со зашеќерени пијалаци вложувале повеќе сили за извршување на задачата отколку оние во плацебо групата, нивните сопствени видувања покажале дека тие не почувствувале дека вложуваат поголем напор.
Авторите заклучиле дека краткорочната достапност на енергијата во форма на зголемени нивоа на шеќер во крвта може да биде важен фактор за мотивација на повозрасните лица за тие да ја завршат работата најдобро што можат.
Зголемената мотивација, од друга страна, исто така може да го објасни и зголеменото чувство на самодоверба што се јавило при зголеменото ниво на шеќер во крвта кај повозрасните лица, како и намалената перцепцијата за вложениот напор и подобрувањето на расположението. Сепак, пред да се дадат препораки за промена на исхраната на повозрасните лица, потребни се повеќе истражувања за да се раздвојат овие фактори со цел целосно да се разбере како достапноста на енергија влијае на когнитивниот ангажман.