Турбополначите за првпат биле употребени во авионските Ото-мотори затоа што при големи висини, воздухот е редок и потребно било дополнително принудно полнење на цилиндрите со воздух за моторот да може да ја испорача очекуваната силина. Но, сосема друго е размислувањето зошто е потребно турбо полнење на цилиндрите во моторот на автомобилите кога тие воглавно функционираат на мали надморски висини, секако, практично безначајни. Ако цилиндрите принудно се наполнат, во нив ќе влезе поголема количина воздух во којашто може да се впрска поголема количина гориво и притоа од иста зафатнина на моторот да се добие многу поголема силина. Овај трик први го согледале и го примениле инженерите за тркачките автомобили, за да добијат повеќе силина од ограничената зафатнина што им стои на располагање во соодветната класа, т.е. повеќе kW излезна моќ. Се користат во автомобилите некаде од 1960 година. Експанзија доживуваат во 1985 година, кога владее вистинска хистерија по нив, особено кај младите возачи.
Технологијата ја измислил швајцарскиот инженер Алфред Буки (Alfred Buchi) во 1905 година и наголемо се користела кај авионите во Втората светска војна. Во што се состои трикот на турбополначите?
Турбополначот има две меѓусебно независни турбински кола. Едното е турбинско коло и служи да ја искористи кинетичката енергија на издувните гасови (познато е дека тие излегуваат со голема брзина), за да ја заврти турбината дури и до 150 000 вртежи во минута. На другата страна од вратилото се наоѓа друга турбина во т.н. пумпно коло, и нејзината задача е да го вцица свежиот воздух, да го компримира и како таков, принудно да го потисне во цилиндарот кога е отворен вцицувачкиот вентил. При ова е обезбедено натполнење на цилиндарот, што дозволува да се инјектира поголема количина гориво што одговара на таа количина на воздух, при што се добива многу поголема моќност на моторот од моторите со иста зафатнина, но со природно полнење (без турбо полнач). Накратко и во главни црти, тука се крие трикот со турбополначите. Ова е еден вид компресор или попрецизно кажано, дувалка. Постојат и дувалки кои работат на други принципи, кои примаат силина директно од коленестото вратило или од ременицата од каишот. Секако, темата на оваа иновација е турбокомпресор и само него го разгледавме погоре во овој текст.