Астрономите открија 10 нови, мали месечини што орбитираат околу Јупитер. Со ова вкупниот број на месечини во опкужувањето на оваа планета порасна на 79. Така Јупитер ја потврди титулата на планета со најмногу месечини, пред второпласираниот Сатурн во чија орбита се наоѓаат 62 природни сателити.
Сите месечини помагаат да дознаеме нешто повеќе за раната историја на Сончевиот систем. Постоењето на волкав голем број мали сателити укажува на тоа дека тие настанале при космички судири, откако Јупитер бил формиран, пред нешто повеќе од 4 милијарди години.
Скот Шепард, астроном при Научниот институт Карнеги во Вашингтон ДЦ, којшто го објави откритието вчера, вели дека месечините не се формирале заедно со планетата, но веројатно биле “заробени” од нејзина страна во периодот на нејзиното формирање или непосредно по овој настан.
Тимот на Шепард вообичаено работи на откривањето нови објекти коишто би се наоѓале на работ од Сончевиот систем, зад Плутон. За време на овие пребарувања тие понекогаш забележуваат и планетарни месечини. Така минатата година, групата го пријави постоењето на две нови месечини околу Јупитер. Во овој случај, научниците биле во потрага по масивната планета позната како Планета Девет, за која постои мислење дека можеби се наоѓа зад Плутон. При нивните пребарувања Јупитер се нашол во истиот дел од небото. Така истовремено се укажала можност и за лов на нови месечини.
Процесот на откривање на нови тела во Сончевиот систем и пресметката на орбитите на овие тела се врши преку фотографирање на едно исто парче од небото со недели или со месеци. Потоа низ сликите се пребаруваат објектите чијашто положба помеѓу две слики се променила во однос на ѕвездите коишто се наоѓаат во заднината. Поголемиот дел од новите месечини тимот ги забележал користејќи го 4-метарскиот телескоп Бланко на Интер-американската опсерваторија Серо Тололо во Чиле, по што следеле и понатамошни набљудувања со други телескопи.
Сите новооткриени месечини се мали, со пречник од 1 до 3 километри. Седум од нив се наоѓаат во подалечни орбити на повеќе од 20 милиони километри од Јупитер, а орбитираат во насока спротивна од ротацијата на планетата. Тоа ги сместува во категоријата ретроградни месечини.
Една од новооткриените месечини се движи во спротивна насока од соседите. Имено, осмата месечина се издвојува бидејќи орбитира во истиот регион до останатите ретроградни месечини, но во спротивна насока (т.е. во иста насока со ротацијата на Јупитер). Исто така, нејзината орбита е накосена/изместена споредено со орбитите на ретроградните месечини. Ова значи дека лесно може да се судри во некоја од ретроградните месечини. Токму поради ова астрономите претпоставуваат дека новооткриените месечини се можеби остатоци од поголем космички судир во минатото.
Месечините на Јупитер ги носат имињата на божества поврзани со митолошкиот бог Јупитер или Зевс. Шепард предложил осмата, чудна месечина да биде именувана како Валетудо, според римската божица на хигиената и здравјето, инаку една од ќерките на Јупитер.
Деветтата и десеттата новооткриена месечина орбитираат поблиску до Јупитер, движејќи се во иста насока како и планетата.
Кога сите овие мали месечини би се формирале истовремено со Јупитер, тие веројатно би биле заробени и проголтани од гасот и прашината што сè уште се вртеле околу новородената планета. Нивното постоење сугерира дека тие се остатоци од подоцнежни судири помеѓу вселенските карпи кои ги останале како остатоци во орбитата на Јупитер. Ако астрономите успеат да ја разјаснат историјата на овие судири, тие исто така ќе можат да ја одредат и големината на сателитите коишто младиот Јупитер ги повлекол во своја орбита. На овој начин би дознале повеќе за процесот на формирање на планетите.
Шепард вели дека е можно околината на Јупитер да крие уште неколку сè уште невидени месечини.