Рубрика: Информатика
Препораки за безбедно сурфање
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.07.2018 - 12:45

Имате антивирусна заштита на вашиот компјутер? Ако одговорот е да, честитаме, веќе сте го направиле првиот чекор кон заштитата на вашите податоци. Но, повеќето луѓе тука застануваат, криејќи се зад привидната безбедност на овие програми. Да нема недоразбирање, антивирусните програми сосема добро си ја вршат работата во идентификување на заканите, но ако на напаѓачите им оставите доволно отворени врати, тие едноставно ќе ги искористат, заобиколувајќи ја заштитата. Тука ќе се обидеме да ги предочиме основните работи на кои треба да внимавате и минималните мерки што треба да го преземете за да обезбедите поцелосна заштита на вашите податоци.

 

Антивирусни и антишпионски програми

Антивирусниот софтвер е првата борбена линија на компјутерската безбедност. Но, за програмата вистински да си ја врши работата за која е наменета, потребно е редовно ажурирање на антивирусниот софтвер и вирусните дефиниции. На овој начин програмата е во тек со најновите заштити и закрпи кои овозможуваат таа ефикасно да се справи со новите вируси. Зошто е ова толку потребно, ќе се запрашате, помислувајќи дека барем еден ден може и да помине без да изгубите време на ова. Па, и не баш така. Доволно е само да го знаете следниов податок: дневно во интернет-просторот се препознаваат и се откриваат илјадници нови вируси и нишки на преправени стари вируси. Иако ниту една антивирусна програма не е во можност да се справи со сите нив, сепак, со навремено ажурирање на антивирусните податоци ги зголемувате шансите за успешно справување со заканите, бидејќи овие дефиниции ги покриваат најчесто употребуваните нови вирусни и тројански закани за кои постои најголема шанса да ве нападнат. За да го задоволите овој сегмент, доволно е антивирусната програма да ја нагодите на автоматско секојдневно ажурирање.

 

Различни лозинки за различни сајтови

Најголемиот проблем кај лозинките не е нивната должина или комплексност. Она што навистина е проблем е човечката тенденција да памти што помалку “тривијални”, здодевни работи. Како последица на ова, речиси секогаш ја употребуваме истата лозинка на сите места. Полошо од ова – здравје! Решението е употреба на ралични лозинки за различни сајтови. Но, кој ли ќе го памети сето тоа? Па не мора баш за сè да имате посебна лозинка. Може да си изберете една за интернет-сметките поврзани за вашите професионални потреби, друга за приватните кориснички сметки и трета која ќе ја употребувате секогаш кога се регистрирате привремено на некој сајт. Секако, ќе се согласите дека ова е полесно од помнењето на сите можни варијанти на десетина лозинки.

Впрочем, за можноста да се изведат варијации од иста лозинка ви препорачувам да го погледнете написот “Едноставен систем за составување сигурни интернет-лозинки” од Емитер 2/2011.

 

Заштита на WiFi-то

Домашните (а богами и професионалните) WiFi-мрежи лесно се детектираат при пребарувањето на безжична конекција со лаптоп или паметен телефон. Сетете се само колкупати сте ги “фатиле” соседите на вашиот лаптоп. Кога на ова ќе ги додадеме и лесно-достапните апликации за кракување лозинки на Wi-Fi-мрежи, кои според креаторите се наменети единствено за кракување на сопствената мрежа кога сте ја заборавиле лозинката (аха, да... сигурно), безбедноста на безжичната поврзаност се чини уште поразнишана.

За да го избегнете детектирањето на вашата WiFi-мрежа од страна на соседите, можете да го нагодите вашиот рутер да не го прикажува името на мрежата или SSID-от. На овој начин, при скенирање на мрежниот опсег вашата мрежа нема да се појавува на приказот. Се разбира, и покрај ова, нагодете си некоја разумна лозинка за пристап.

 

Безбедни веб-страници

Дали во интернет-просторот се наоѓате на вистинското место, таму каде што навистина сте сакале да отидете или, пак, сте заскитале на некоја веб-страница со слично име откаде некој се обидува да ги поткрадне вашите податоци? Секогаш обрнете внимание дали страницата на која се обидувате да пристапите е точно испишана во линијата на веб-прегледникот – варијациите од типот на недостасување или вишок буква, yaho или yahooo наместо yahoo, или, пак, погрешна ознака за домејн, пример .org наместо .com или слично, честопати се показател дека сте цел на сајбер-напад.

Големите интернет-компании со mail-сервери користат сигурносни знаци, т.н. катинар знак (padlock), за да ви укажат дека сајтот на кој се наоѓате е безбеден. Покрај ова, нивната адреса најчесто употребува https-протокол, кој укажува дека страницата на која се наоѓате сопственикот ја заштитил со шифрирање, па дури и покажувач обоен во зелена боја кој покажува дека сопственикот на сајтот поминал низ некоја ригорозна дигитална контрола за потврда на идентитетот (Certificate Authority) од типот на DigiCert, кој претставува американска компанија за издавање безбедносни сертификати што потврдуваат дека сајтот се стекнал со SSL-сертификат за енкрипција и автентификација.

 

Проблемите со Java

Софтверскиот пакет (енџин) Java овозможува истите апликации да работат на различни оперативни системи. Па така, небитно е дали работите со Windows, Mac или Linux сè дури прегледникот има Java која го приспособува за отворање на сајтовите на вашата машина. Токму поради оваа можност за работа на различни системи, веб-ориентираните апликаци во голем дел се базираат на овој програмски софтвер. За жал, ова значи дека безбедносните недостатоци на овој софтвер се однесуваат на сите оперативни системи.

Од овие причини, ранливоста на Java е честа цел на хакерските напади насочени кон инфилтрирање во апликацијата. Од овие причини препорачливо е ажурирањата на Јава софтверот да бидат редовни, овозможувајќи ги најновите закрпи. Ако ова сè уште ви се чини небезбедно, секогаш можете да го исклучите овој дел од функционирање на интернет-прегледникот. Но, истовремено имајте на ум дека Јава-поддршката е тука со причина. Таа, меѓу другото, овозможува и преземање на т.н. колачиња кои овозможуваат подоцна да бидете препознаени од одредена интернет-страница.

 

Ажурирање на Windows

Од Мајкрософт редовно и педантно обезбедуваат солидни, доброобјаснети безбедносни закрпи секој втор вторник во месецот. Доколку се јави потреба, за најкритичните софтверски пропусти компанијата објавува и вонреден пакет за ажурирање на нивниот сертифициран софтвер.

Но, од Мајкрософт нема да ви помогнат доколку и вие не им излезете во пресрет. Нагодете го оперативниот систем автоматски да ги прави ажурирањата. На овој начин секогаш ќе ги имате инсталирани најновите закрпи за Windows. Добра идеја е да се нагодат и другите програми за автоматско ажурирање.

Вклучете го или инсталирајте firewall

Повеќето од современите оперативни системи и домашни мрежни излезни рутери доаѓаат заедно со изборно вграден firewall. Не двоумете се да го вклучите. Кај Windows системите, на пример, оваа алатка може да се најде во делот Control Panel. Покрај ова, на интернет може да се најдат и бесплатни firewall софтвери кои автоматски се конфигурираат за да одговараат на веќе инсталираниот софтвер.

Еден добар firewall ги спречува злонамерниците да се приклучат на вашиот компјутер, било да сте заминале на кафе, сте отишле до дома или се тркнале до канцеларија, и секако, ќе ве информира доколку некој сака да се приклучи на вашиот PC.

 

Игнорирајте ги поп-ап огласите и неочекуваната е-пошта

Ненадејното отворање на ново јазиче во вашиот интернет-прегледник или пристигнувањето на неочекувана електронска порака од непознато лице честопати се обиди да се внесе во вашиот систем малициозен софтвер – malware. Понекогаш дури пораката може да биде и од некој ваш пријател или познајник чијашто електронска сметка, без негово знаење, била пробиена и сега се злоупотребува. Овој случај најчесто ќе го препознаете на тој начин што пораката којашто сте ја добиле најчесто нема смисла или ви бара на англиски/француски/шпански јазик да погледнете некоја фотографија/видеосодржина/сајт чијшто линк е приложен.

Како и да е, за да се заштитите од заканите во форма на несакана е-пошта доволно е да ги игнорирате пораките со чудни наслови (Subject) и уште почудни содржини. Што се однесува до несаканите поп-ап огласи, тие делумно се надминуваат со соодветни нагодувања во секој од прегледниците. Но, како крајно решение за сите проблеми препорачуваме да се погрижите вашиот антивирусен софтвер секогаш да е тазе ажуриран, со што ќе бидете подготвени да ги “фатите” повеќето малициозни софтвери пред да направат некоја штета на вашиот компјутер.

 

Се надеваме дека со овие неколку кратки препораки ви помогнавме да го подигнете безбедносното ниво на вашиот компјутер

Клучни зборови: