И повторно французин е предводник и на оваа голема иновација. Името му е Адолф Кегрес (Adolphe Kegresse), а неговата иновација е револуција во трансмисијата на автомобилот и е обелоденета некаде пред Втората светска војна. Но, никогаш не направил прототип. Сè било изведено на хартија. Оттогаш требало да поминат околу 40 години за оваа иновација да ја види светлината на денот. Почнала да се применува некаде во 1980 година, во тркачките автомобили, но набрзо потоа “Фолксваген” прв го препозна потенцијалот на менувачите со двојна спојка и почна да ги применува во некои спортски модели од својата гама од 2003 година. Потоа почнаа и други фирми наголемо да го користат. Што e всушност менувач со две спојки?
Концепциски класичниот мануелен автомобилски менувач е “разделен” на два дела, т.е. има два влеза, а тоа се две ламеласти фрикциони спојки, или мајсторски кажано два кумплунга. Непарните брзини припаѓаат на едната спојка, а парните брзини припаѓаат на другата спојка. Во даден момент, само една спојка е во зафат, т.е. носи. На пример, ако автомобилот е во прва брзина и вози во таа брзина, истовремено канџестата спојка на запченикот од следната брзина (а тоа е втората брзина) е вклучена, но со оглед на тоа што втората фрикциона спојка во замаецот е исклучена, нејзината ламела врти напразно во замаецот, согласно преносниот однос од втората брзина. Кога возачот сака да го промени нагоре степенот на пренос (брзината во менувачот), само соодветната полуга на воланот ја повлекува кон себе и во тој момент истовремено многу брзо активната фрикциона спојка се исклучува, а се вклучува слободната фрикциона спојка. И така, со останатите брзини кои можат да бидат активирани во нагорна или во надолна линија. Значи, промената на брзини се сведува во наизменично вклучување и исклучување на спојките.
Огромна предност на овие менувачи е исклучително брзата промена на степените на пренос што е од пресудно значење за тркачките автомобили. Но овие менувачи нашле примена и во обичните автомобили затоа што промената на степенот на пренос е лесно, забавно и многу ефикасно.