OBD II стандардот е типичен пример, пред сè, за правен проблем во светот на автомобилите. Можеби ова е единствениот случај каде копјата не се кршат на полето на техниката, туку на теренот на правото. Како тоа? Па така, едноставно. Накратко и со ред да почнеме.
Кон крајот на 1960 и почетокот на 1970 година електрониката, особено во делот на управување на работата со моторот, зема сè поголем замав. Класичните автомеханичари од стар ков се затекнати и ги мразат новите системи во автомобилите а сервисите се преполни со непоправени автомобили. За да им ја олеснат работата, производителите на автомобили воведуваат разни електронски уреди за дијагностика за своите модели на автомобили, со кои се детектира дефектот. Но, секоја фирма си влече на своја страна; потоа, секоја фирма си има свои професионални тајни коишто не сака да ги сподели со конкуренцијата и уште многу други отежнувачки околности доведуваат до тоа во текот на целата таа декада да настане вистински хаос во делот на одржување и поправка на автомобилите.
Производителите на автомобили никако не сакаат да се договорат да го стандардизираат овој проблем и да споделат дел од своите професионални тајни. Но, најзначајно е тоа што еколошките проблеми со загадувањето притискаат сè повеќе и полицајците во САД немаат начин како брзо и едноставно да ја проверат исправноста на моторот на автомобилот кој им е сомнителен во однос на загадувањето. Ниеден од автомобилските производители не сака да попушти и да се направи еден заеднички стандард на ова поле. Состојбата е неиздржлива на теренот. И државата како институција “тропа” со раката на масата, вели дека вака не може да се продолжи и ги задолжува производителите на автомобили по секоја цена да го решат проблемот со еден заеднички протокол кој ќе биде стандард за сите автомобили. Така, во 1980 година, производителите на автомобили се договориле и на светлината на денот дојде протоколот OBD (On Board Dijagnostic). Потоа, во текот на 1990 година се надгради во OBD II. Останатото е историја.
Накратко, OBD од аспект на полицијата: ако полиција ве застане додека го управувате автомобилот, дозволено и е со посебен инструмент да се приклучи на OBD портата (види на слика 1) и да провери на својот модул дали моторот е исправен или не. Ако читачот пријави некоја грешка во работата на моторот, тоа значи дека моторот работи на резервна програма, што од аспект на екологијата значи дека моторот енормно загадува и воопшто, автомобилот де факто е во дефект. Полицаецот има право да ве опомене или да ве казни.
Накратко, OBD од аспект на сервисите: Кога некој сензор од автомобилот од кој било систем (мотор, воздушни перничиња, ABS, ESC, трансмисија, сигурносни појаси и останата галантерија – (радио, електрични прозорци, централно заклучување, блокада на моторот, ....) покаже невообичаено однесување (испорака на сигнали надвор од подрачјето на неговото дејствување и очекување) и/или истото се случи и со извршителите (актуаторите), тогаш таа грешка како код на грешка се запишува во меморијата на компјутерот на моторот и истовремено се вклучува жолтото светло на инструментната табла, што сигнализира дефект на автомобилот (CHECK). Веднаш работата на автомобилот се префрла во резервен режим (програма), во којшто се ангажирани минимум на системите за контрола на работата на дефектниот систем а задачата на возачот е веднаш да се јави во сервис за отстранување на дефектот (во некои од случаите на дефект може да дојде и до застанување на автомобилот и единствена помоше влечната служба) – колатерална штета на овој резервен режим е големото еко-загадување на автомобилот. Во сервисот, со помош на специјален читач на грешки (види на слика 2) се отчитува грешката и се поправа дефектот.