Фобос е поголемата од двете месечини на Марс. Орбитира на многу блиско растојание до него, сè на сè на 9400 km од неговиот центар, односно 6000 km над неговата површина. Тој се наоѓа поблиску од која било друга позната планетска месечина. Радиусот на неговата орбита постојано се намалува за околу 20 m во едно столетие, па според тоа, по околу 11 милиони години тој ќе падне на површината на Марс, или поверојатно, ќе се здроби во планетски прстен под дејство на “плимите и осеките” од Марсовата гравитација. Има форма на компир со димензии 27x22x18 km, па наликува на заталкан астероид заробен од гравитацијата на Марс. Брзината на обиколување околу Марс му е двојно поголема од ротациската брзина на Марс околу сопствената оска, па во текот на еден Марсов ден тој се појавува по два пати поместуваќи се привидно од запад кон исток.
Но, дури и тоа малецко небеско тело, месечината Фобос, на својата површина содржи голем кратер со пречник од 9 km, што е речиси половина од пречникот на Фобос. Кратерот го детектирала сондата Mars Reconnaissance Orbiter, која од месец март 2006 година. Сондата орбитира околу Марс по многу издолжена елипса, со најблиска точка до површината на Марс 426 km, а најдалечна 44 500 km. Поради оваа таа повремено влегува во просторот помеѓу Марс и Фобос. При едно такво влегување, нејзината камера HiRISE направила фотографија на најголемиот кратер на Фобос. Кратерот е наречен Стикни (Stickney) во чест на Клои Анџелин Стикни Хол (Chloe Angeline Stickney Hall), математичарка и сопруга на астрономот Ејзаф Хол (Asaph Hall), кој во 1877 година ги открил двете месечини на Марс, наречени Дејмос и Фобос. Според античката митологија, двата коња кои ја влечеле двоколката на богот на војната, Марс, ги носеле овие имиња, коишто во превод од старогрчки јазик значат “Страв” и “Ужас”.
Фотографијата е додатно разубавена со обојување за да се експонираат специфичностите на кратерот. Изгедот на неговите ѕидови сугерира како тие да се обликувани од порозен материјал, кој со текот на времето се лизга кон дното на кратерот. Светлосинкастиот регион надвор од работ на кратерот упатува на помисла дека тој регион е на некој начин подоцна разголена површина. Но, потеклото на браздите на таа површина претставува мистерија, која сепак можеби е поврзана со судирот кој го формирал кратерот.