Сигурносниот појас во три точки (има и во две и во четири) е развиен од инженерот на шведскиот производител на автомобили “Волво” Нилс Бохлин (Nils Bohlin) и за првпат е промовиран во возилата на Волво во 1959 година, кога станува задолжителна сериска опрема. Сигурносните појаси спасуваат милиони и милиони животи на патиштата во светот и не случајно се прогласени за иновација од прв ред, што се однесува до пасивната безбедност кај автомобилите. Денеска тоа е особено изразено со оглед на многу поголемите просечни брзини на возење, густиот сообраќај и расеаноста и хроничното невнимание на возачите. Стандардна рутина е при секое седнување во автомобилот, прво да се врземе со сигурносните појаси, а потоа да продолжиме со управување на автомобилот или, ако сме патници, да се возиме и да уживаме во патувањето.
Како нè штитат сигурносните појаси? Едноставно, со тоа што ја трошат кинетичката енергија на патникот (телото) до нејзино анулирање во многу подолг временски интервал отколку во случајот кога не би биле врзани и директно би удриле во преградите од ентериерот на автомобилот, кога кинетичката енергија би се анулирала за дел од секунда, што предизвикува создавање на огромни и погубни инерцијални сили (види слика 1). Да претпоставиме дека возиме со брзина од 80 km/h. Со возилото удираме во препрека и нагло (за една или две секунди) брзината на возилото станува нула. Кога патниците не би биле врзани со сигурносен појас, тие со целата брзина од 80 km/h удираат во шалт-таблата на автомобилот, кој сега е во мирување (автомобилот застанал по судирот), и за дел од секунда нивната брзина станува нула, па тој удар најчесто е смртоносен за нив (тоа е огромна неконтролирана сила). Кога би биле врзани со појаси, ударот се дели во две фази и кинетичката енергија на патникот се анулира за две, па и три или четири секунди, а тоа е веќе спасоносно за патникот, оти инерцијалната сила е околу 8 пати помала од онаа кога не би биле врзани (0,5 секунди и четири секунди!). Имено, во првиот период, патникот успорува колку што успорува каросеријата додека се гмечи од ударот, а тоа се веќе неколку секунди, и уште некоја секунда имаме добивка со контролираното отпуштање на појасот во текот на судирот, при што патникот сосема се доближува до препреката (ова не е прикажано на слика 1!), т.е. кокпитот, и така за неколку секунди се случува успорувањето или анулирањето на кинетичката енергија на патникот, што е спасоносно за него.
Денеска е излишно да се говори за тоа дали е потребно или не да се врзуваме со безбедносен појас додека се возиме со автомобил. Тоа е стандард којшто се подразбира сам по себе.