Според најновите проценки, загадувањето на воздухот предизвикало 3,2 милиони нови случаи на дијабетес во светот во 2016 година.
Фините честички, коишто ги испуштаат во атмосферата автомобилите и фабриките а се создаваат во хемиските реакции при согорување на горивото, се задржуваат во околината како магла и го прават воздухот тежок за дишење. Загадувањето на воздухот досега било поврзано со низа хронични состојби како што се болестите на дишните патишта, срцевите заболувања и дијабетесот. Истражувањето објавено овој месец во списанието The Lancet Planetary Health претставува прв обид за квантифицирање на врската помеѓу загадениот воздух и дијабетесот.
Истражувачите ја следеле здравствената состојба на околу 1,7 милиони американски ветерани во текот на речиси една деценија со цел да го проценат нивниот ризик за развој на дијабетес. Тие исто така користеле податоци и од глобалните студии за ризик од дијабетес, како и податоци за квалитетот на воздухот добиени од Агенцијата за заштита на животната средина на САД и од НАСА. Податоците биле искористени за создавање на равенки кои ја анализираат врската помеѓу изложеноста на загадениот воздух и дијабетесот на глобално ниво.
Според новата проценка загадувањето на воздухот е одговорно за околу 14 проценти од новите случаи на дијабетес во светот. Факторите како што се генетиката, тежината, нивото на активност и исхраната, исто така, влијаат на ризикот од болеста, којашто е во пораст на глобално ниво. Имено, проценките на Светската здравствена организација се дека околу 422 милиони луѓе во моментов се справуваат со дијабетес од тип 2, споредено со бројката од 108 милиони во 1980 година.
Прераспределбата на дијабетесот на глобално ниво не е рамномерна. Земјите со високи нивоа на загадување, како што се Пакистан, Индија и Кина, имаат подеднакви, особено високи стапки на дијабетес којшто е поврзан со загадувањето на воздухот. Соединетите Американски Држави, пак, иако сега имаат релативно чист воздух, се наоѓаат исто така високо на листата.