Рубрика: Автомобилска техника
20 клучни иновации кај автомобилот: 11. Катализатор
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 10.07.2018 - 11:45

Ежен Удри (Eugène Houdry) е француски инженер. Тој некаде околу 1930 година се преселил во САД, во градот Лос Анџелес. Бил шокиран од енормното загадување со издувни гасови од превозните средства. Си ветил дека тој проблем ќе го реши. И успеал во тоа. Во 1950 година поднел документи за решение на проблемот на загадувањето од издувните гасови, во рамките на самиот автомобил, и го добил патентот и награда за тој изум. Но, дури во 1975 година, властите почнале правно (со донесување на законски прописи) да го решаваат проблемот со аерозагадувањето од автомобилите, а првиот катализатор бил воведен во 1973 година. Тој претставувал посовршена верзија на изумот на нашиов инженер. Сето ова се случува во САД.

Катализаторот, или каталитичкиот претворувач, односно каталитичкиот конвертор, е уред (еден вид на специјален издувен лонец) сместен во системот за одведување на издувните гасови од автомобилот низ коишто поминуваат издувните гасови, така што отровните и опасните компоненти и соединенија со помош на каталитички потпомогнати хемиски реакции се разложуваат и се соединуваат во нови соединенија кои се неотровни и помалку опасни за околината и за живите битија (види на слика 1). Значи, се работи за чиста хемија. Катализаторот е еден од најголемите изуми наменет за моторните возила и е најзаслужен што подрачјата погодени со густ сообраќај се релативно чисти и безопасни за човекот. Тие подрачја се густо населените градски зони, каде што сообраќајот е најгуст.

Денеска, катализаторите се задолжителна сериска опрема за автомобилите, без која тие не ќе можат да ги задоволат сè построгите норми на аерозагадувањето. Едноставно, денес, еден современ, сериски произведен автомобил не може да се замисли без катализатор.

Клучни зборови:
Изглед и функција на еден стандарден катализатор

Слика 1: Изглед и функција на еден стандарден катализатор.