Рубрика: Психологија
Како да ја одберете идната професија
Автори: Калина С. Андонова, Невенка Стојановска
Објавено на 09.07.2018 - 17:45

“Пекар, лекар, апотекар, колар, столар, можев да бидам јас...” - пееше своевремено Бора Чорба. Во животот на сите млади луѓе има низа крстопати и избори што треба да се направат за да се насочат кон професијата којашто со задоволство би ја работеле и за која имаат и афинитети, па и талент. Голем дел од вас веројатно веќе избрале што би сакале да работат во иднина, во која професија би се пронашле себеси, но други, пак, сè уште немаат некоја идеја каде би се чувствувале најкорисни и би можеле да постигнат најдобар успех. Тука ќе се обидеме да ви помогнеме да ги насочите вашите размислувања за да го одберете вистинскиот правец за вас на крстопатот.

Не е воопшто лесно да се одбере вистинската идна професија! Но, како што вели старата изрека “што се мора, мора се”. При размислувањата обидете се да ги следите овие чекори:

- Најнапред направете избор од повеќе струкови гранки, а потоа разгледајте ги основните принципи врз кои функционира секоја од нив... Во деталното разгледување може да наидете на занимања за кои не сте биле ни свесни дека постојат, на такви кои можеби се подзаборавени, но со кои може многу убаво да се живее бидејќи се барани.

- Кога ќе се решите за некоја конкретна струка и професија, преминете на барање информации за основните принципи врз кои функционира таа и кои вештини и навики треба да ги стекнете или имате – уредност, педантност, стрпливост, одредени предзнаења, талент...

- Професиите кои функционирале за вашите пријатели и родители може и да не се најдобриот избор за вас. Не дозволувајте изборот да ви го наметнат други, истражете сами и пронајдете се сами, не подлегнувајќи на притисоци од каков било вид.

Ако сè уште не сте сигурни во вашиот професионален избор закажете средба со психологот или училишниот педагог кои можеби ќе ви дадат насока врз основа на вашето училишно портфолио. Покрај ова може и да се тестирате за да добиете увид за кои кариерни избори се битни квалитетите што ги поседувате. Секако, за подиректно информирање може да ви помогне и разговорот со лице кое веќе се занимава со некоја од професиите за кои размислувате, на овој начин ќе добиете од прва рака информации за секојденевните проблеми, награди и предизвици што ги носи занимањето. И, конечно, бидете искрени пред себе за своите квалитети и аспирации, желби и предиспозиции.

 

Корисен за другите

На оние кои сакаат да се чувствуваат корисни, им советувам да се подготвуваат, да одберат некоја професија во која ќе имаат можност да им помогнат на луѓето кои имаат некоја тешкотија или проблем... Тоа се професии во кои ќе дојде до израз дарбата за дијалог, бидејќи покрај тоа што знае убаво да го слуша туѓото мислење, треба да може убаво да им објасни и да им даде корисен совет. Идеја за можни занимања: наставник, адвокат, социјален работник, кинезитерапевт, полицаец...

 

Дух на научник и истражувач

Ако станува збор за истражувач на полето на науката или истражувач од кој било вид, потребна е длабока и темелна наобразба. Затоа пак научните истражувачи се многу ценети и барани на пазарот на трудот. Идеја за професии: разни професии од полето на природните науки, биолог, фармацевт, електроинженер, ботаничар, археолог, историчар...

 

Bо допир со природата

Во овој профил на занимања кои имаат потреба од чист воздух би се пронашле оние како што е агрономијата, риболовот, оние кои се занимаваат со одгледување и негување животни и се грижат за животната средина. Се разбира, и за овие занимања е потребна сериозна школска подготовка. Соодветни занимања: ветеринар, еколог, агрономинженер, занимања поврзани со шумарството, земјоделието, сточарството и производството на здрава храна.

 

Вешт за рачна работа

Учениците кои се вешти за мануелна, односно рачна работа, т.е. сакаат да научат некое занимање за кое се потребни вештина и умешност, тоа можат да го научат во некое од средните стручни училишта. Во тие училишта за занимања можат да научат да прават разни предмети од дрво и железо, да изработуваат мебел... Идеи за такви занаети: столар, ѕидар, бравар, електричар, фризер, кројач, каменорезец...

 

Трговија и маркетинг

Трговијата е занимање за оние кои сакаат работа што се одвива со мошне живо и брзо темпо. Работењето со размена на материјални добра, или како уште велиме – трговија на стоки, како на големо така и на мало, е вистински предизвик за оние кои го имаат тој трговски дух. За тоа е потребно да се поседува способност за контакт со голем број луѓе и убаво однесување со потрошувачите! Големите претпријатија имаат свои маркетинг служби кои имаат за задача да ги проценат идните потреби на потрошувачите и да прават анализа на пазарот. За оние кои имаат трговски дух се препорачуваат професиите: трговец, комерцијален агент, маркетинг агент....

 

Уметник во душата

Покрај писателите, пејачите, сликарите, среќаваме и други уметници чија креативност доаѓа до израз кога се трудат да нацртаат нешто врз својот автомобил, да направат некаков декор во својата соба, во својот стан или да осмислат некои детали, на пример во некој музички спот, да направат уметничка фотографија... Овие занимања се многу посакувани. Оние кои сакаат да се занимаваат со такви креативни проекти треба да се надарени со многу фантазија и талент за да бидат успешни! Како идеја за можни занимања се предлагаат: ликовни уметници, графичари, филмски уметници, реставратори на уметнички дела, стилисти, музичари, тон-мајстори, камермани, продуценти...

 

Занимања со вербала комуникација

За работа во која е примарна вербалната комуникација, основно е тоа да си силен на говорење. Таа се одвива во јавните сервиси за комуникација, медиумите, каде што се испраќаат и се добиваат разни пораки. Во медиумите, новинарите се тие кои ги прибираат и ги испраќаат и коментираат информациите. Занимања: аниматори, хостеси, новинари, библиотекари, спикери...

 

Се разбира, ништо не е ни толку лесно ни едноставно. Но, и најголемите генијалци некогаш биле почетници и се чуделе која професија да ја одберат. Што и да одберете, треба и понатаму да учите и да се надградувате. Кога за нешто се има голема желба, со многу, многу труд се постинуваат завидни резултати, иако можеби се немаат некои големи предиспозиции. Ако се случи да згрешите во изборот, не грижете се. Можете да ја смените професијата или она за што ќе откриете подоцна дека ви прави задоволство може да ви биде хоби. Постојат и луѓе со повеќе професии во исто време!

Бонус: Потсетување на хитот од 80-тите години. Значи, никој не треба да ви се меша во изборот :)
Клучни зборови: