Пред еден месец за првпат по цели 35-40 години патот ме доведе до Скопје, градот на мојата младост, за службени потреби. Влегувам во градот и ништо не е исто како некогаш. Не можам да се снајдам. Застанувам на првиот паркинг и на мојот смартфон ја повикувам апликацијата Гугл мап. Таа веднаш како позиција А ја обележува мојата положба во просторот, а јас ја внесувам адресата на мојата крајна дестинација (положба Б). За неколку секунди, софтверот ми го понуди најкраткиот пат од точка А до точка Б. Но, тоа не е сè. Имено, се покажа мапа на патиштата по коишто треба да поминувам и на околу 200 метри пред секоја раскрсница (навреме за да се престројам), звучно ми сигнализира да погледнам на мониторот за да добијам информација каде треба да завртам на конкретната раскрсница, и така ме води сè до точката Б. Значи возев на “слепо”, исклучиво според напатствијата на мојот смартфон и без проблеми стигнав до крајната дестинација. Совршена практична примена на новата технологија за навигација. Незаменливо помагало за сите патници од која било категорија. Како е ова можно?
Ова е можно благодарение на GPS системот за глобално позиционирање, или Global Positioning System (глобален систем за позиционирање). Првенствено развиен за американската армија, по налог на американската Влада, започнат во 1973 година. Првиот систем користел 24 сателити, а во 1995 година станува потполно оперативен. Користењето за цивилни потреби било овозможено по 1980 година. Денеска, еден современ автомобил не може да се замисли без GPS систем. Тоа е една од најголемите иновации во современото поимање на еден автомобил. Без GPS систем и, воопшто, помош за навигација, ние сме изгубени во просторот и најчесто е невозможно да се стигне до крајната дестинација, особено во големите и за човекот непознати градски средини. Исто е и на отворен пат и во меѓуградското сообраќање со автомобил.