Во врска со написот во ЕМИТЕР под наслов “Влијание на забавувањето на Земјината ротација врз земјотресите”, еден од заговорниците на моделот “Рамна Земја”, на нашата фејсбук-страница излезе со став дека “Земјата нема ротација”!? Не е страшно кога некој знае што не знае, па молчи, но, многу е лошо кога некој не знае што не знае, па си дава право да се произнесува за појави за коишто очигледно нема познавања. Дебатирањето со такви луѓе е наполно бесцелно, па овој наш напис е наменет за другите кои сакаат да ја дознаат научната вистина околу тоа прашање.
Најстар доказ за ротацијата на Земјата е испапченоста на нејзиниот екватор во однос на половите. Таа испапченост е утврдена уште во 1671, врз основа на подолгата периода на осцилирање на физичко нишало во екваторскиот појас, во споредба со периодата на истото нишало во поларните региони. Имено, периодата на осцилирањето на секое нишало е обратно пропорционална со квадратниот корен од гравитациското забрзување “g":
Па, врз основа на разликата на периодата на нишањето на екваторот и на половите, пресметано е дека забрзувањето “g" има помал износ на екваторот, што кореспондира со тоа дека екваторскиот круг е за 23,4 km подалеку од центарот на Земјата, во споредба со поларниот круг. Таа испапченост не можела да настане поинаку, освен под дејство на центрифугалната сила којашто постои при ротацијата на секое тело, а најсилна е на екваторот на телото.
Вториот доказ е т.н. Кориолисов ефект, којшто се појавува исклучиво во ротирачки координатни системи, кај тела во движење коишто не се во цврста врска со површината на Земјата (флуидите, водата и воздухот). Ефектот се манифестира со искривување на патеката на движењето на тие тела, која според Њутновите закони мора да е праволиниска. Оваа искривување на праволиниската патека прв ја открил физичарот Густав Кориолис (Gustave Coriolis), па тој ефект е наречен “Кориолисов ефект” во негова чест.
Видлива последица од овој ефект се струењата на водата во океаните, а особено видливо е скршнувањето на ветровите кон десно на северната хемисфера и кон лево на јужната хемисфера, кои ако прераснат во циклони, на северната хемисфера ротираат во спротивна насока од ротацијата на стрелките во часовникот (слика 1), а на Јужната хемисфера во насока на ротацијата на стрелките во часовникот (слика 2).
Втора видлива манифестација на Кориолисовиот ефект е ротирањето на водата при истекувањето од долен отвор на сад (на пример, када или мијалник). Ако на водата не делуваат други сили при истекувањето од долен отвор на сад, на северната хемисфера водата ќе ротира во спротивна насока од ротацијата на стрелките во часовникот, а на јужната хемисфера во насока на ротацијата на стрелките од часовникот. Ова убаво е документирано на видеото од експериментот на двајца пријатели – едниот во Алабама (САД), а другиот во Сиднеј (Австралија) што може да се погледне подолу. Секој што не верува, овој експеримент може да го направи самиот.
Видео 1: Видео од експеримент со којшто се докажува Кориолосовиот ефект и ротацијата на Земјата.
Третиот доказ е “Фукоовото нишало”, всушност главниот и најубедлив доказ за ротацијата на Земјата, реализиран во 1851 година од Леон Фуко (Leon Foucault). Имено, тој реализирал физичко нишало, така што во куполата на катедралата Пантеон (Pantheon) во Париз обесил кугла со маса 28 kg на јаже долго 67 m. Нишалото го активирал пред многубројни набљудувачи (види на слика 3), и сите тие виделе дека рамнината во којашто нишалото осцилирало, перманентно ротирала со аглова брзина од околу 11 степени на час, во насока на ротацијаТА на стрелката од часовникот, така што цел круг од 360 степени таа направила за 32 часа. Објаснение? Рамнината на нишањето не можела да ротира бидејќи врз неа не дејствувал никаков спрег на сили, па јасно било дека нејзината “ротација” била привидна. Всушност Земјата е таа која заедно со набљудувачите ротирала во обратна насока од “ротацијата” на рамнината, но Земјината ротација не можела да се пренесе на рамнината на нишање бидејќи помеѓу нив не постои цврста врска.
Денес такви нишала постојат во многу места на Земјата, а авторот на овој напис во неговите студентски денови бил присутен на демонстрација на слично такво нишало на Електротехничкиот факултет во Загреб, којашто традиционално им се покажува на студентите на овој факултет. На следното видео, е прикажано Фукоовото нишало во Музејот на природни науки во Хјустон.
Видео 2: Видео од Фукоово нишало во Музејот на природни науки во Хјустон, кое ја докажува ротацијата на Земјата.
Заговорниците на “теоријата” на рамна Земја имаат приговор дека долготрајното нишање на Фукоовото нишало, а и неспорната ротација на рамнината на нишање, е резултат на моторче поставено во точката на бесење – што се разбира дека не е точно, а во што секој може да се увери ако посети некоја таква демонстрација на Фукоовото нишало.
Или, што е уште подобро – секој може да направи Фукоово нишало и сам да се увери. Пример за домашен експеримент со Фукоово нишало има на следново видео Најочигледни резултати се добиваат со многу долг конец за нишалото (многу висок таван или точка на бесење на конецот – барем 6-7 метри) и масивен тег на крајот од нишалото
Видео 3: Видео од домашен експеримент со Фукоово нишало како доказ за ротацијата на Земјата.
Сметаме дека овој напис ќе им помогне на заинтересираните читатели да ја препознаат научната вистина, и нема да наседнуваат на разни аналфабетски тези кои, за жал, често се појавуваат на интернет, пред сè на YouTube и Facebook.