Пронаоѓањето на батериите во 1800 година, детектирањето на магнетното поле при проток на електрична енергија во 1820 година и пронаоѓањето на електромагнетот во 1825 година се фундаменталните пронајдоци коишто го трасирале патот кон клучниот практичен изум од почетокот на 19 век, а тоа е изумот на DC електромоторот во 1834 година. Инженерите веднаш му нашле практична примена следната година, кога е произведен првиот автомобил со електричен погон (потсетување: Ото-моторот бил пронајден дури во 1864 година).
На слика 1 (а и б) може да се види како изгледал еден од првите DC мотори, а на слика 2 е прикажан првиот автомобил воопшто на конструкторот на столетието Фердинанд Порше. Автомобилот се викал Лохнер (Lohner) од 1898 година, и имал електромотори во предните тркала. Како изгледаат тие електромотори може да се види од следната слика 3.
Електромоторите биле многу погоден и едноставен погон за автомобилите, затоа што биле релативно едноставни по конструкција, релативно лесни за тогашниот развој на технологијата и што било најважно, биле лесни за користење и управувањето на автомобилот било вистинско задоволство. Значи, првото масовно користење на автомобилот како превозно средство започнало со погон со класичен електромотор на права струја. Но, има едно големо но кое може да се расчлени во неколку секции коишто накратко само ќе ги спомнеме.
Прво. Рак-рана и тежок проблем кој и денес се провлекува кај мобилните апликации погонувани од електрична енергија е складирањето на електричната енергија. Имено, сè уште не е ефикасно решен проблемот на складирање на големи (пристојно големи) количини на електрична енергија. Има два клучни проблеми во оваа насока. Едниот е крајно неповолниот однос маса – енергија, што е погубно за автомобилите, а особено за комерцијалните возила. Другиот проблем е релативно малиот проток на електрична енергија во батериите што денеска се употребуваат.
Второ. Електричната енергија во она време била скапа и недостапна. Дистрибуцијата на електрична енергија била, исто така, многу скапа. Тоа било невозможна мисија за тогашната технологија. Згора на сè, требало да се вложи друга примарна енергија за од неа да се добие електрична енергија.
Трето. Односот маса – моќност на првите DC електромотори е крајно неповолен (погонот е исклучително тежок). И денес ова е проблем за електромоторните погони.
Четврто. Посебен проблем тогаш претставувало управувањето на електромоторот. Системите за управување биле гломазни, несмасни, тешки и работеле со големи загуби (премногу се грееле).
Сите овие недостатоци денеска се надминати со развојот до совршенство на моторите со внатрешно согорување. Згора на сè, фосилните горива ни се гратис дадени од мајката природа.
Требало да поминат околу 170 години (од 1835 година до денес), за електричниот автомобил повторно да биде измислен. Но денеска, основниот порив за негово повторно раѓање е од еколошка природа. Основните рамнотежни состојби и параметри на глобален план на природата се длабоко и сериозно начнати (како забен кариес) и се заканува општа глобална катастрофа на природата која ќе продолжи со опстојување во нови, за нас неповолни основи и параметри, и човекот како единствен виновник за тоа мора да го коригира своето однесување додека сè уште има време. Еден од резултатите на тоа коригирано однесување кон природата е сè помасовното користење на електричните погони за моторните возила како чисти мобилни погони. На слика 4 е прикажано како изгледа еден современ електромобил.