Многу важен систем во склопот на системите за пасивна безбедност кај автомобилите се воздушните перничиња. Oд 1990 година наваму, откога се применуваат во сериски произведените автомобили, имаат спасено милиони и милиони животи во сообраќајните незгоди во целиот свет.
Идејата е во тоа што при удар на возилото или при нагло кочење сензорот што детектира судир дава сигнал со којшто се активира полнењето од барут на спакуваното воздушно перниче (ова се случува многу брзо, пред телото од возачот да удри во препреката) и така подготвеното и напумпано воздушно перниче го амортизира ударот на некој дел од телото во препреката што му стои на патот. При ова, се минимизираат последиците од сообраќајната несреќа врз патникот и тие се сведуваат на минимум. ВАЖНО!!!! Воздушните перничиња не се замена за сигурносните појаси! Патникот секогаш МОРА да биде врзан со сигурносен појаси!
Првите обиди за воздушните перничиња биле направени некаде во 1950 година. Тие функционирале на принципот на компримиран воздух кој почнувал да го пумпа перничето во моментот кога прекинувачот што се наоѓал во браникот ќе го активирал полнењето. Активирањето можело да биде и со рачен прекинувач. Патентот е регистриран во 1951 година, од Џон Хетрик (John W. Hetricku) во САД, а сличен патент во исто време бил пријавен и во Германија, од страна на Валтер Линдерер (Walter Linderer). Но, големи подобрувања на конструкцијата биле забележани од 1960 година наваму, кога е промовиран сензорот за удар, т.н. краш сензор. Во 1970 година почнало со воздушни перничиња да се опремуваат сериските луксузни автомобили, а некаде од 1990 година и сите други автомобили, така што денес воздушните перничиња спаѓаат во сериска опрема за повеќето автомобили кои се нудат на пазарот.