Серво управувањето е уште еден значаен изум во светот на автомобилите што остави печат на современите автомобили. Многу едноставен механизам со помош на којшто управувањето на предните тркала станува вистинско задоволство. Идејата е во тоа значаен дел од силата на рацете, со која се врти воланот, да ја преземе автоматиката (сервото), која е погонувана од моторот на автомобилот. Притоа, маневрирањето со возилото е многу лесно, прецизно и, воопшто се зголемува брзината при маневрирањето, што е особено значајно во градските средини. Возилата со кои што се врши достава во тесните градски улици денес не можат да се замислат без сервоуправување. Во минатите времиња, кога сервосистемите биле скапи и, воопшто, недостапни за обичните автомобили како сериска опрема, за да се намали силата на управување со тркалата се одеше на големи преносни односи на системот за управување (запчеста летва или полжавест преносник), кои бараа рачно да се завртат многу кругови на воланот, за да се завртат тркалата од една во друга положба или правец. Притоа возењето во градските кривини беше бавно, имаше застои по улиците и, воопшто, маневрирањето со автомобилот беше бавно и нервозно. Денеска, благодарение на сервозасилувачите, маневрирањето со автомобилот е вистинско задоволство и уживање кое само може да се посака, затоа што преносниот однос е подиректен (помал).
Постојат два принципиелно различни система кои го решаваат проблемот на помош при управувањето со предните тркала. Првиот и најстар систем е хидрауличниот систем, во кој што со помош на хидраулична пумпа (види на слика 1) погонувана преку ременот од моторот, се создава проток (притисок) на хидрауличното масло, кој пак притисок презема поголем дел од силата на управувањето со тркалата во запчестата летва (види на слика 2). Ова е класичниот начин на функционирање на сервоуправувачот и е применет исклучиво кај постарите автомобили. Но, денеска со развојот на електрониката и информатиката, се применуваат многу поелегантни и поефикасни сервосистеми коишто произведуваат сила со помош на електромотори кои се компјутерски управувани. Типичен изглед на еден таков електромотор е претставен на слика 3. При ова, сервосистемот е максимално поедноставен, што претставува голем напредок во напорите за намалување на цената на чинење на автомобилот и намалување на трошоците за одржување на автомобилот, како и зголемување на неговата доверливост. Типичен изглед на еден современ сервосистем за управување со тркалата е прикажан на слика 4.
Првиот патент за сервоуправувачот кај автомобилите е пријавен во 1876 година, а првиот практично реализиран патент е во 1926, од Франсис Дејвис (Francis W. Davis), кој бил изработен во Џенерал моторс. Првиот комерцијален автомобил со сервоуправување бил произведен од гигантот Крајслер и применет во моделот “Империјал” од 1951 година. Потоа следува моделот “Кадилак” на Џенералс моторс од 1952 година. Денеска, сервоуправувачите се сериска опрема на повеќето современи автомобили и се додаток без којшто не може да се замисли еден современ автомобил од средната и од високата класа.
Слика 2: Модерна запчеста летва со сервозасилувач. На левата страна од хидрауличните цевки е распоредникот а десно од нив во куќиштето во нејзиниот средиштен дел од запчестата летва се силовите цилиндри (линиски хидраулични мотори).