Астрономите предводени од група од Институтот за астрономија при истражувачкиот центар Макс Планк во Хајделберг, Германија, направија спектакуларна снимка на планетарната формација околу младата џуџеста ѕвезда PDS 70. Фотографијата е направења со помош на телескопот VLT на Европската јужна опсерваторија (ЕСО) во Чиле и неговиот инструмент SPHERE, којшто во моментов е еден од најмоќните постоечки инструменти за лов на планети. Меѓународниот тим ја направи првата груба детекција на младата планета, со ознака PDS 70b, како се пробива низ планетообразниот материјал што ја опкружува младата ѕвезда.
Инструментот SPHERE, исто така, му овозможи на тимот да го измери сјајот на планетата во различни бранови должини, од што можат да се добијат податоци за составот на атмосферата на планетата.
При новите набљудувања, планетата многу јасно се истакнува, видлива како светла точка десно од поцрнетиот центар на сликата. Се наоѓа на околу три милијарди километри од централната ѕвезда, што е растојание приближно еднакво на растојанието помеѓу Уран и Сонцето. Анализата покажува дека PDS 70b е огромен гасен џин со маса неколкупати поголема од онаа на Јупитер. Површината на планетата има температура од околу 1000°C, што ја прави многу пожешка од која било планета во нашиот Сончев систем.
Темниот регион во центарот на сликата се должи на коронографот, маската што се става за да ја блокира заслепувачката светлина од централната ѕвезда. Постапката им овозможува на астрономите да ги забележат многу побледите планетарни дискови и планети придружници. Без оваа маска, слабата светлина од планетата би се претопила во интензивната осветленост на ѕвездата PDS 70.
"Овие дискови околу младите ѕвезди се место каде што се формираат планетите, но досега, само при неколку набљудувања се откриени знаци за постоење на штотуку формирани планети во нив", објаснува Миријам Кеплер, која го предводеше тимот што стои зад откривањето на планетата во формирање околу PDS 70. Според неа, проблемот е што сè досега, за повеќето од овие планети-кандидати не можеше со сигурност да се каже дали се само карактеристики на дискот или планети во формирање.
Откривањето на младиот придружник на PDS 70 е возбудлив научен резултат што веќе побуди понатамошна истрага. Вториот тим, во којшто се вклучени многумина од истите астрономи од тимот кој ја откри планетата, вклучувајќи ја и Кеплер, во изминативе месеци направија дополнителни набљудувања за детално истражување на новиот планетски придружник на PDS 70. Тие не само што направија спектакуларно јасна слика на планетата, туку беа во можност дури и да го измерат спектарот на планетата. Анализата на спектарот покажува дека нејзината атмосфера има облаци.
Планетиот придружник на ПДС 70 веќе има формирано и транзициски диск – протопланетарен диск со џиновска "дупка" во центарот. Овие внатрешни празнини се познати со децении и се претпоставува дека тие се производ од интеракцијата помеѓу дискот и планетата. Сега за првпат сме во можност и да ја видиме планетата.
Резултатите од тимот на Кеплер ќе помогнат во разбирање на процесите коишто се одвиваат при формацијата на планетите, како и за подобро разбирање на етапите на развој на планетите. Со одредувањето на атмосферските и физичките својства на планетата, пак, астрономите ќе можат да ги допрецизираат теоретските модели коишто се однесуваат на формирањето на планетите.
Истражувањето е претставено во два труда кои чекаат за објава во Astronomy & Astrophysics.