Мозокот на опиоидните зависници, испитан по смртта, содржи околу 50 проценти повеќе нервни клетки кои ja ослободуваат молекулата наречена хипокретин, споредено со луѓето коишто не злоупотребуваат дроги, открива новото истражување објавено на 27 јуни, во Science Translational Medicine. Слични промени се регистрирани и во мозокот на глувците кои добивале дози од опијатот морфиум. Но, зголемувањето на нивото на хипокретин не се јавувало поради создавање на нови нервни клетки, неврони. Наместо тоа, невроните коишто претходно биле нефункционални се чини дека ја побудиле нивната хипокретинска машинерија како одговор на дрогите за зависност.
Резултатите се совпаѓаат со сé поголем број истражувања кои сугерираат дека хипокретинот, мозочната хемикалија што ја регулира будноста и возбудата, можеби игра улога и кај зависноста.
Во едно друго истражување, Родриго Еспања, невробиолог од Универзитетот Дрексел во Филаделфија, неодамна забележал дека стаорците со помалку чувствителен хипокретински рецептор (а со тоа и послаба реакција на супстанцијата во мозокот) покажале помала мотивација да бараат награди од кокаин.
Новото истражување доаѓа од спротивниот агол, концентрирајќи се на промените во хипокретинските неврони како реакција на злоупотребата на дрога, а не обратната врска. "Тоа укажува на можноста дека дел од причините поради коишто одвикнувањето од дрогите е толку тешко е тоа што овие супстанции вршат огромна промена во мозокот", вели коавторот на студијата и невролог Џером Сигел од УКЛА.
Сигел и неговите колеги немале директна намера за проучување на потенцијалната врска помеѓу хипокретинот и зависноста. Тие ја разгледувале улогата на оваа супстанција кај нарколепсијата. Сигел претходно покажал дека луѓето со нарушувања на сонот имаат за околу 90 проценти помалку неврони кои произведуваат хипокретин од нормалното. Потоа, при испитувањето на мозоците кај здрави донатори во текот на нивните истражувања врзани за нарколепсијата, тој и неговите колеги наишле на изненадување – наводно здрав мозок со неочекувано голем број хипокретински неврони. Потребни биле неколку години за да се пронајдат медицинските досиеја на донаторот, вели Сигел, но на крајот, тимот дознал дека лицето било зависник од хероин.
Анализата на уште четири мозоци од зависници од хероин и други опиоиди сугерирала дека покачениот број на хипокретинските неврони кај првиот случај не е аномалија.
Тимот открил дека мозокот на зависниците имал во просек за 54% повеќе неврони што произведуваат хипокретин, споредено со здравите контролни примероци. Последователните експерименти кај глувците покажале дека со давањето морфиум на глувците во текот на две недели се зголемил бројот на невроните коишто произведуваат хипокретин во нивниот мозок. Симптомите кај нарколептичките глувци дури и исчезнале додека тие биле третирани со морфиум.
Според Сигел, резултатите покажуваат дека со правилно дозирање и следење, опиоидите може да бидат ефективен третман за луѓето кои страдаат од нарколепсија. Во изминатите неколку години во САД, рецептите за дозволени опиоидни средства се под зголемен надзор поради ризикот од стекнување зависност и напливот од корисници на опијати на национално ниво. Историски гледано, луѓето со нарколепсија биле третирани со стимуланси што предизвикуваат зависност, како што е метамфетамин, но тие не покажале желба за зголемување на дозата како што тоа честопати е случај кај зависниците.
Потребни се понатамошни испитувања за да се утврди дали опиоидите се, всушност, поефикасни од други лекови кај коишто ризикот за предизвикување зависност е многу помал, а коишто во моментов им се препишуваат на нарколептичарите.