Група австралиски политичари објавија план за легализирање на митохондријалната донација. Меѓу препораките на групата, објавени на 27 јуни, вклучено е австралиската Влада да се консултира со јавноста и со научните експерти за овозможување на клиничка употреба на оваа репродуктивна технологија со помош на која жените можат да го избегнат преносот на генетски дефекти кај нивните деца, кои се должат на мутациите во митохондриите – структурите во клетките коишто генерираат енергија.
Техниката користи здрава донирана јајце-клетка за креирање ембрион со нуклеарна ДНК од две лица и додаток од митохондријална ДНК од трето лице. Имплантацијата на ембрионот се врши со инвитро оплодување (ИВФ). Велика Британија во моментов е единствената земја каде што е дозволена митохондријалната донација, но сè уште нема бебиња зачнати со оваа процедура. Сингапур, исто така, размислува за легализација на оваа техника.
Австралискиот комитет, составен од членови на парламентот од владејачката партија, опозицијата и помалите партии, спроведе тримесечно истражување пред да ги објави препораките до владата. Препораките вклучуваат владата да подготви опции за измени на законите, коишто ќе дозволат користење на оваа репродуктивната технологија, а во меѓувреме да им помогнат на Австралијците со митохондријална болест да бидат третирани во Обединетото Кралство. Научната јавност и групите пациенти ги поздравија препораките, па сега се чека на одговор од владата.
Митохондријалната болест е група на состојби кои се јавуваат кај едно од 500 деца и кај речиси 12 од 100 000 возрасни лица. Симптомите варираат од лесни состојби и сериозни хендикепи, до животно загрозувачки состојби, кои зафаќаат многу системи во телото, вклучувајќи го и гастроинтестиналниот, мускулно-скелетниот, ендокриниот систем, срцето и централниот нервен систем.