Во април годинава смртта на јапонката Наби на 117 години пламна низ сите светски медиуми. Смртта на ваквите супер стогодишници природно го наметнува прашањето за постоењето на биолошки ограничувања на животниот век кај човекот. Во изминативе децении имаше неколку истражувања што се обидуваат да изнајдат одговор на ова горливо прашање.
Во 2016 година, едно истражување објавено во списанието Nature откри дека максималната возраст на населението полека се зголемувала од почетокот на 1970-тите години, по што го достигнала плафонот за потоа малку да се намали некаде околу 1995 година. Заклучокот на авторите бил дека нивните резултати во многу укажуваат дека човечкиот животен век има природна граница.
Но, во декември минатата година, една анализа објавена во научното списание Extremes посочи на тоа дека ризикот од смрт по 110-тата година останува ист, a дека константата изнесува околу 47% годишно. Според авторите на ова истражување ова значи дека нема конечна крајна граница на човечкиот животен век.
Шансите за настанок на смрт со возраста експоненцијално растат, но моделот направен по истражувањето во кое влегле 3865 лица со возраст над 105 години, предвидува дека над оваа возраст кривата се зарамнува.
Кај овој вид истражувања главен проблем со којшто се соочуваат научниците е веродостојноста на податоците. Имено, старите покажуваат тенденција да ја зголемуваат бројката на нивната возраст кога ги прашуваат. Најновото истражување објавено во Science на 28-ми овој месец, го надминало овој проблем користејќи ја релативно новата база на податоци од Италијанскиот национален институт за статистика, каде биле дадени податоците за морталитетот помеѓу 2009 и 2015 година за секој Италијанец на возраст над 105 години.
Статистичарот Елизабета Барби од Универзитетот Сапиенца во Рим, која го предводела истражувањето, укажува дека за потребите на истражувањето не била доволна само потврда од книгата на родени, туку и некој вид потврда дека луѓето се живи, сè со цел да се овозможи најголема прецизност за пресметката на морталитетот кај стогодошниците.
Првичната бројка на суперстогодишници кои биле откриени изнесувала 3836 лица, од кои 2883 починале во временскиот опсег додека се спроведувало истражувањето. Тимот ја анализирал стапката на смртност во оваа група. Кај помладата популација стапката на морталитет го следи т.н. Гомперцов модел, според кој таа експоненционално се зголемува со возраста на човекот.
Тимот откри дека, додека стапките на смртност се зголемуваат експоненцијално до 80-годишна возраст, по оваа возраст тие се намалуваат и некаде на возраст од 105 години стапката стагнира и останува иста. Па така, за групата родена во 1904 година, на пример, стапката престанува да варира при годишна веројатност за умирање од 47,5%.
Резултатот, јасно ги сместува авторите помеѓу скептиците во поглед на тоа дека животниот век има плафон.
Според нивните зборови: "долговечноста продолжува да се зголемува со тек на времето и лимитот, ако постои, сè уште не е постигнат.”