Моторите за коишто зборувавме во минатото продолжение беа познати и како мотори со надворешно согорување, затоа што производството на топлина се одвива надвор од моторот, гледано во потесна смисла на зборот. Тоа се класични ложишта кадешто со лопати се принесува јаглен или во ложиштето се фрлаат дрва што го загреваат котелот со вода. Но, денеска ќе се осврнеме на моторите со внатрешно согорување (мотори СВС) кои направија вистинска револуција по нивното пронаоѓање, особено како мобилен погон (за моторните возила) оти се мали, практични, ефикасни и лесни за опслужување.
Овие мотори се познати и како класични клипни мотори (види на слика 1). Првиот практичен мотор бил со три такта (вцицувањето и согорувањето се изведувале во еден такт, значи недостасува тактот на компресија) и биле промовирани во париските фабрики, од страна на пронаоѓачот Етјен Леноар во 1859 година (види во ЕМИТЕР 6/2004). Се покажало дека се работи за револуционерна конструкција којашто многу успешно и, за тоа време, ефикасно си ја врши својата работа. Но, за вистинска експанзија на овие мотори била потребна генијалноста на Николаус Ото, кој ја усовршил оваа конструкција додавајќи го тактот што недостасувал, а тоа е тактот на компресија. Така, Ото стана татко на класичниот клипен мотор со внатрешно согорување “измислувајќи” го четвртиот такт. Тоа се случило во 1864 година, кога го промовирал првиот гасен компресионен мотор СВС со дотогаш невидена ефикасност. Големо подобрување на овој гасен мотор (горивото е, всушност, запалив гас) прават Џорџ Брајтон, во соработка со самиот Ото, Дајмлер и Мајбах (овој последниов е творец на карбураторот), кои во 1876 година го промовираат првиот четиритактен мотор СВС на течно гориво.
Беше потребна појавата на уште еден генијалец во ликот и делото на Рудолф Дизел, кој во 1897 година го промовира четиритактниот мотор СВС со самопалење, кој работи според сосема нов циклус наречен според него, Дизелов циклус, а моторите се наречени дизелски мотори. Овие се бавноодни мотори со голема ефикасност и извонредни влечни карактеристики, заради самата природа на продолжено согорување (всушност согорувањето трае сè додека трае шприцањето на гориво во компресиониот простор, а тоа е прилично долго време – затоа се и бавноодни) кое резултира со речиси хоризонтална ориентација на вртежниот момент (многу поволен распоред на вртежниот момент наменет за совладување големи товари или наречени влечни мотори).
Ексцентричниот конструктор, машинецот Феликс Ванкел во 1954 година го промовира првиот мотор со ротациски клип кој работи според Отовиот циклус и е наречен според него, Ванкелов мотор (види на слика 3), или кратко ротациски мотор. Овој мотор не го издржа тестот на времето и ја изгуби битката со класичниот клипен бензински мотор, кој се покажа како потехнологичен (едноставен или лесен за производство), поеколошки и поевтин за одржување.
Генерално, ова се моторите СВС кои направија револуција во погонот кај моторните возила, а во тие рамки и во автомобилите, и го профилираа автомобилот во она што ние денес го гледаме на нашите улици, а го поимаме како стандарден модерен автомобил.