Истражувањето на еден вид американски врапчиња, кое трае последниве 30 години, покажа како врапците го менуваат своето пеење. Споредено со нивните предци од пред 30 години, денес врапчињата многу поинаку им пеат на своите женки, а промените се случувале полека низ повеќе генерации.
Анализата е направена со употреба на снимки од пеењето на птиците снимени помеѓу 1980 и 2011 година. За време на овој релативно кус период песната значително се променила како последица на културниот пренос на различни елементи на песните низ многу генерации. Научниците овие промени ги споредуваат со промените кои се случуваат кај луѓето во вербалната комуникација со текот на времето. Ако ги слушате луѓето и начинот на кој тие зборувале во осумдесеттите години од минатиот век и ги споредите со денешниот начин на говор, ќе забележите многу разлики. Ова е резултат на културните промени или популарноста на одредени изрази. На ист начин се случуваат и промени кај врапчињата.
Младите мажјаци врапчиња ги учат своите песни од птиците што ги опкружуваат, а секој мажјак има свој уникатен звук. Значи, иако сите пеат една карактеристична песна, звукот се разликува меѓу единките. Истражувачите овој феномен го споредуваат со караоке – сите пеат иста популарна песна, но секој на свој начин.
Генерално, секоја песна се состои од три главни елементи: првиот елемент ја идентификува птицата која припаѓа на одреден вид, вториот елемент ја идентификува единката која ја пее, а третата компонента ја користат женките за да ги проценат мажјаците. Во последните 30 години е откриено дека мажјаците ги задржале истите воведни ноти на своето пеење, но додале серија нови тонови во средината на своите песни. Исто така, крајот значително се променил, некогаш бил долг и со високи фреквенции, а сега е пократок и со пониски фреквенции. Промената на крајот веројатно е последица на женскиот избор, имено, мажјаците со пократок крај на песната имале повисок репродуктивен успех.
Добиените резултати се навистина вреден придонес за разбирање на однесувањето на птиците во текот на подолг временски период.