Започнуваме со нов серијал во којшто ќе ги прикажеме најголемите иновации во светот на автомобилите кои го направија автомобилот онаков каков што денес го знаеме и поимаме. Серијалот би требало да има околу дваесетина иновации кои ќе бидат прикажани со краток текст придружен со една или неколку слики поврзани со таа иновација. Па, да започнеме со првата најважна иновација: неговото величество, погонот, или моторот на автомобилот, без кој автомобилот ќе беше мислена именка.
Ако не беше измислен моторот за автомобилот, тој ќе се викаше кочија. Токму моторот е таа генијална иновација што кочијата ја претвори во автомобил. Но, да почнеме од почеток.
Парниот мотор е првиот вграден мотор во некое релативно мало автономно возило наречено автомобил. Тоа било практика на крајот од 18 век и на почетокот на 19 век. Тогаш созреале условите за таков зафат, затоа што димензиите на парната машина (парниот мотор, види на слика 1) благодарение на техничко-технолошкиот развој, драстично се намалиле. Но, парниот мотор првично бил наменет за црпење вода во рудниците, т.е. биле стационарни мотори. Иновацијата е на Џемс Ват, кој успешно го направи првиот употреблив мотор во 1775 година. Но, должни сме да бидеме искрени: Ватовиот мотор за основа го имал познатиот Њукоменов мотор од 1712 година, кој само го усовршил. Усовршувањето се состои во тоа што за разлика од Њукоменовиот мотор, кој водената пареа ја користи за повратен од на клипот, а работниот од се остварува под дејство на вакуумот во цилиндарот создаден со кондензација на пареата, Ватовиот мотор го користи притисокот од водената пареа (натпритисок), а повратниот од, т.е. цикличното движење на клипот (повторно користејќи го натпритисокот на водената пареа) го обезбедува со специјален автоматски распоредник со помош на затворена повратна врска. Но, повторно да бидеме искрени: и Њукоменовиот мотор е усовршување на безбројни (неуспешни) обиди во тоа време, за реализација на погон за тешките физички работи, пред сè во рудниците – Њукоменовиот мотор е прв успешен обид во оваа насока. Така човештвото имало голема среќа да добие мотор кој нон-стоп може да биде во погон и да го замени тешкиот и досаден човечки труд за некои тешки физички дејности. Тоа е огромна придобивка што го трасира патот таквите мотори да бидат вградени во кочиите (значи, тие да станат мобилни) и кочијата да прерасне во автомобил.
Њукоменовите и Ватовите мотори се познати како мотори со надворешно согорување. Степенот на корисно дејство на Ватовиот парен мотор е исклучително мал и изнесува околу 10%, и тоа кај поусовршените конструкции. Потоа, многу е незгоден за опслужување оти постојано треба ложиштето однадвор да се заложува со јаглен или со дрва, потребно е време за загревање на котелот за да се произведе пареа, бавни се во својата работа и има големи загуби на вода. А и многу се тешки и незграпни. Но, и покрај овие недостатоци (секако, пренагласени од денешен аспект на посматрање), Ватовите мотори своевремено биле прифатени со воодушевување и биле една од клучните иновации во техниката, при што заслужено се прогласени како причина за Првата индустриска револуција.
Судбината на овие мотори конечно ја запечатија моторите со внатрешно согорување, за кои ќе стане збор во следното продолжение, а се појавиле некаде во средината на 19 век.