Кон крајот на март оваа година од IBM дојдоа вести дека го создале најмалиот компјутер на светот, помал и од зрно крупна сол. Но, по сè изгледа дека оваа титула веќе овој месец ќе мора да му ја предаде на “чудото” коешто го направија во Универзитетот на Мичиген во Ен Арбор, САД. Токму во лабораториите на универзитетот беше создаден "компјутер" чијшто габарит изнесува едвам 0,04 кубни милиметри, или околу една десетина од големината на поранешниот рекордер направен од IBM. Како што може и да се забележи од фотографијата, зрното сол изгледа џиновско во споредба со уредот којшто е толку осетлив што неговата трансмисиска LED диода може да ги побуди струите во неговите кола.
Ограничувањето на големината ги принуди истражувачите да бидат креативни во намалување на влијанието на светлината. Па така наместо диоди тие употребиле прекинувачки кондензатори, а дополнително морале и да се справат со релативното зголемување на електричниот шум што е последица од ниската енергетска потрошувачка на уредот кога е вклучен. Како резултат добиле сензор којшто може да ги мери промените во исклучително мали региони, како, на пример, кај група на клетки во вашето тело.
Научниците подолго време се сомневаат дека туморите се нешто потопли од околното здраво ткиво, но ова тешко можеше да се потврди, барем до сега. Од малиот уред се очекува да го стави на тест ова тврдење и, доколку се покаже дека е точно, да ја оцени ефективноста на третманите за сузбивање на ракот. Тимот, исто така, предвидува дека уредот би можел да помогне при дијагностицирање на глауком од внатрешноста на окото, да се следат биохемиските процеси, па дури и да помогне во проучувањето на некои екстремно мали животинки.
Зошто тогаш зборот компјутер се наоѓа во наводници? Малата големина го наведе Универзитетот да ја преиспита дефиницијата за тоа што точно може да се нарече компјутер. Споменатиот уред содржи вистински процесор (базиран на ARM Cortex-M0+ дизајн), но при исклучување на напојувањето ги губи сите податоци, а истото се случува и кај уредот на IBM. Некои инженери токму оваа мемориска карактеристика може да ги наведе да не го карактеризираат уредот како целосен функционален компјутер.
Сепак, уредот ги поместува границите на компјутерската моќ и сугерира дека наскоро речиси невидливите компјутери може да станат вообичаена работа.