LinkedIn во основа е деловна социјална мрежа којашто овозможува поврзување на сите оние што делат иста професија, оние што бараат или нудат работа или оние што имаат некаков заеднички деловен интерес.
Декада на раст и развој
LinkedIn како професионална социјална мрежа е формирана во декември 2002 година, а официјално почнува со работа на 5 мај 2003-тата година. Креирана е од Реид Хофман, заедно со тим соработници кои претходно работеле во PayPal и Socialnet.com. На почетокот, но и неколку години подоцна, ова социјална мрежа ја користеа само професионалците, и тоа претежно од ИТ-индустријата, кои овде се поврзуваа со јасна цел да го одвојат приватниот социјален живот од деловните конекции. Ним потоа им се придружија менаџерите и другите водечки личности од други индустрии, со што самата мрежа почна да добива на тежина. Овде веќе можеа да се најдат профили на топ-менаџери до кои никако на друг начин не можеше да се стигне. Тоа дејствуваше како магнет за останатите кои или бараа работа, или бараа работна сила, или се трудеа да најдат бизнис-партнери. И така, бројот на корисници почна да расте секојдневно, а интеракциите меѓу нив добија на квалитет и на квантитет. Одеднаш, LinkedIn стана место каде што се споделуваа совети, се разменуваа контакти, се креираа врски на заедничко задоволство од двете страни. Како што растеше бројот на корисниците, така се зголемуваа и опциите и можностите што корисниците ги имаа на самата страница. Од обичен и застарен интерфејс со неколку опции, полека LinkedIn се претвори во модерен уреден интернет-простор, кој бесплатно нуди толку опции, што просто е тешко да се поверува. Иако LinkedIn има бројот на корисници е далеку помал од оној на Фејсбук, сепак, овде станува збор за друг тип на профили и “тежината” на овие профили на големо ги надминува оние на останатите мрежи, кои не се секогаш вистински, а во последно време сè поретко се користат за она за што се креирани – дружење и забава со луѓето што ги познавате, а се далеку од вас.
Вашиот профил – ваша слика во бизнис-светот
Денес, LinkedIn изгледа модерно, а можностите со кои можете да се претставите себеси пред деловниот свет, па и деловниот крем во светот, растат и се збогатуваат секојдневно. Во продолжение, ќе ги претставиме најважните аспекти што ги има еден профил, со совети како да го “оптимизирате” својот.
Пред да започнеме со претставување на главните секции, една напомена – LinkedIn е мрежа за сериозни професионалци и никако не треба да ја користите за дружење и забава. Отворете профил и сериозно посветете му внимание бидејќи никаде не е поважно тој да биде толку комплетен како овде. А, за прв впечаток, нема втора шанса – тоа го знаете.
Лични податоци
Овде најважно од сè е да го користите вистинското име и презиме и, како што спомнавме, имајте само еден активен профил на кој можете да му се посветите и каде што може да ве најде секој што ќе ве бара. Покрај тоа, можете да оставите, и треба да оставите e-mail адреса за комуникација (која, по дефиниција, е видлива само за оние што се поврзани со вас), како и професионалната или академска титула која се појавува при пребарувањето секој пат под вашето име.
Работно искуство
Нјаважниот дел од профилот или работниот Background започнува со Summary. Во неколку реченици, кратко и концизно раскажете кој сте вие, гледано од професионална гледна точка. Немојте со премногу детали – имате место за тоа веднаш подолу во Experience. Овде внесете ги сите работи што сте ги работеле, бидете точни и прецизни, не претерувајте со работните обврски за да изгледате попаметни или повредни, бидејќи на крај ќе изгледате едноставно нереално.
Јазици, квалификации и сертификати
Доколку му се претставувате на странскиот деловен свет, јазиците знаат да бидат пресудни. Иако секогаш целиот профил треба да биде напишан на точен и разбирлив англиски јазик, сепак тука треба да ги додадате останатите јазици што ги зборувате или само ги разбирате, за што има и опции за нагодување.
Во Skills, или најслободно преведено, вештини или квалификации, треба да ги споменете оние за кои навистина сте квалификувани. Не претерувајте и тука со низата, само ќе ги збуните оние што го гледаат профилот и ќе се прикажете речиси сигурно нереално, а тоа не е добро. Исто и со сертификатите. Сите имаме сертификати од основно школо или од општински натпревар. Тие не се важни, останатите што се врзани за професијата, било да се издадени од локален или од интернационален авторитет – тие вредат.
Поврзување
И сега наважниот дел. Нели секој профил го правиме за да се поврземе со некого, така всушност се вика и мрежата, нели – LinkedIn. Овој дел знае да е малку чуден и нелогичен. Во основните правила за користење се нагласува дека на мрежата треба да се поврзуваат само луѓе што се познаваат, и тоа правило е донесено за да се спречи нејзината злоупотреба и да не се користи исклучиво за маркетинг или за спамирање. И тоа е во ред. Но, факт е дека поголемиот број од луѓето со кои сакате да се поврзете не ви се пријатели, не сте работеле заедно порано или не сте учеле во иста образовна институција. Тоа се најчесто странски работодавци или претставници на компании со кои сакате да воспоставите конекција, а подоцна и деловни односи. Е за да го направите тоа, а сепак да не ги прекршите правилата за користење и да добиете евентуална забрана за праќање понуди или дури и гасење на профилот, треба да го направите следното: Бидете активни и зачленете се во групи на корисници што се обединети околу една дејност или држава. Откако ќе станете член (групите може и да се затворени, т.е. да ви треба одобрување од оној што ја креирал), тогаш пристапот до личностите кои можат да ви бидат важни е далеку полесен бидејќи при канењето на нова личност во вашата мрежа постои опцијата да се покани пријател од група.
И, неколку гратис совети
Препораки. Собирајте препораки од колеги, а пред сè од претпоставени или соработници. Замолете ги да напишат неколку реченици за вас, да ги истакнат позитивните аспекти од заедничката соработка. Негативните не мораат .
Платени опции. Иако LinkedIn е бесплатна мрежа, сепак има и платени опции за членување. Со нив се добива поголема видливост на вашиот профил, како и дополнителни опции за полесно да се претставите пред соработниците и работодавачите, а повисокиот статус се потврдува со соодветна “значка”, која се додава до името на профилот и, верувајте, сето ова делува.
П.С. Се трудевме колку што е возможно пореално да го претставиме LinkedIn, и покрај тоа што потписникот на овие редови буквално е вљубен во ова мрежа и е еден од ретките кој наутро прво неа ја отвора и поминува време, а потоа на останатите. Но, како и да е, ако навистина сакате успешно, вистински да се прикажете во најдобро светло, следете ги овие совети и препораки. Нема што да изгубите, а проверени се во практика.