Минатонеделниот извештај за губењето на мразот на Антарктикот, објавен во Nature, претстави поразителни резултати. Во изминативе 25 години континентот изгубил дури 3 трилиони тони мраз! Повеќето од оваа голема количина исчезнала во најранливиот регион на ледената прекривка на Западниот Антарктик, каде губитоците се утростручиле за време на периодот вклучен во истражувањата. Западниот Антарктик досега придонел за покачување на нивото на океаните за 6 милиметри, но на долги патеки губитокот на мраз во овој регион може да го зголеми нивото на светските мориња и океани за зашеметувачки 3 метри во наредните векови. Забрзувањето на процесот на топење на мразот можеби е знак за катастрофата чиишто механизми веќе се во движење.
Но, истражувањата објавени оваа недела во Science даваат зрак надеж, укажувајќи дека е забележан процес којшто може да го забави колапсот на еколошкиот систем на планетава. Со топењето на мразот се намалува притисокот врз тлото, па карпестиот копнен дел на Западниот Антарктик се издигнува, и тоа доста брзо. На одредени места се предвидува дека тлото ќе се издигне за дури 8 метри во текот на еден век, што може да донесе заштита за мразот од затоплената океанска вода што го топи од долниот дел. “Процесот би можел да и купи на планетата уште неколку децении спокојство” – вели Рик Астер, сеизмолог од Државниот универзитет на Колорадо во Форт Колинс и автор на објавениот труд.
Ледената прекривка во Западниот Антарктик е ранлива бидејќи се простира во голем дел под нивото на морето, формирајќи огромен басен којшто се спушта кон внатрешноста на копното со длабочина поголема од километар. Глечерите, како спори „реки“ од мраз, паѓаат во океанот. Засега некои од нив се закачени за с’ртовите од морското дно, што го успорува текот. Но, со затоплувањето на океаните се јавува ерозија од долната страна, со што глечерите може да се повлечат зад сртовите. Со ова морската вода би можела да навлезе во басенот, “откачувајќи” го мразот од карпите и предизвикувајќи негово брзо топење во неконтролиран процес.
Со симулации на процесот на издигнување забележано е дека зголемувањето на висината на карпестото тло може да го забави повлекувањето на мразот, издигнувајќи ги долините и сртовите со што ќе се стабилизираат и глечерите. Колку оваа промена ќе даде ефективна заштита зависи од тоа колку брзо таа се случува, што зависи од топлината и структурата на обвивката на земјината кора.
За да ги сумира резултатите од мерењата на висината на тлото направени со шест фиксни GPS сензори, на тимот му биле потребни неколку години. Тие откриле дека на некои места тлото се издига со брзина од дури 4 сантиметри во годината, што е една од најбрзите промени на светско ниво. Издигнувањето би можело да се забрза со губење на мразот, па така за еден век се очекува забрзување на процесот за трипати. За тоа време на некои места карпестото тло би можело да се подигне за цели осум метри, повлекувајќи ја со себе обвивката од мраз и намалувајќи ја површината на допир со водата на местата каде ранливите глечери се среќаваат со океанот.
Но, некои научници се скептични дека издигањето на копното на поголема висина ќе има некоја особена улога во колабирањето на ледената обвивка на долги патеки имајќи го предвид количеството на јаглеродни емисии и глобалното затоплување. Според нив, независно од влијанието на карпестото тло загреаната океанска вода сепак ќе го топи мразот со приближно исто темпо.