Рубрика: Историја и археологија
Тиванаку – изгубената цивилизација од Андите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.06.2018 - 11:15

Лоциран во Боливија, во близина на езерото Титикака, на надморска височина од речиси 4000 метри лежи прастариот град Тиванаку, највисокиот урбан центар што било кога бил изграден. Во најголем дел опкружен со планини и ридови, градот го живеел својот зенит некаде помеѓу 500-тата и 1000-тата година од новата ера, кога се проширил на површина од нешто повеќе од шест квадратни километри, прецизно организирани со планска мрежа. Засега, само мал дел од градот е ископуван и археолошки истражен. Процените за бројот на жители варираат, но се чини дека во неговиот цут Тиванаку бил дом на најмалку 10 000 луѓе. Иако неговите жители не развиле писменост и старото, вистинско име на градот е сè уште непознато, археолошките остатоци укажуваат дека културното и политичкото влијание на градот се чувствувало насекаде низ Андите, протегајќи се сè до современите граници на Перу, Чиле и Аргентина.

Денес, иако во негова близина се наоѓа современ град, Тиванаку е една голема урнатина. “Масивни, камени полузатрупани облици кои се издигнуваат од рамнината, во чија близина има правоаголни платформи и потонати дворови со прекрасен каменорез и градба” пишува Маргарет Јанг-Санчез (Margaret Young-Sánchez), куратор во Музејот на уметноста во Денвер, во својата книга “Тиванаку – Предците на Инките” (Tiwanaku: Ancestors of the Inca).

Уметничка визија за животот во Тиванаку

Потекло

Не е познато кога почнало населувањето на локацијата Тиванаку, но Јанг-Санчез во својата книга забележува дека луѓето започнале да градат трајни населби во околината на езерото Титикака пред околу 4000 години.

Таа забележува дека некаде до овој период биле припитомени и ламите кои биле користени за пренос на товар, и апаките(кои биле одгледувани заради нивното крзно, но и камелидите. Притоа таа нагласува дека земјоделците научиле како да одгледуваат издржливи посеви отпорни на слана, какви што се некои видови репки (кртоли, грутки за јадење) и киноа (вид житарки), кои се наводнувале по природен пат од дождовите, но и со водоводни канали на планинските падини. Еден милениум подоцна, овие иновации биле подобрени со т.н. “полјоделство на подигнато поле”, техника која вклучува создавање вештачки подигнати парцели, меѓусебно издвоени со канали за вода. Овие адаптации овозможиле развој на поголеми и покомплексни населби, меѓу кои и на Тиванаку, кој ќе стане доминантна населба во регионот.

Зошто токму Тиванаку? Според професорот Џон Вејн Јанушек (John Wayne Janusek) од Универзитетот Вандербилт, неговата доминација се должи на сплет од повеќе фактори: климатската промена, промената на трговските патишта, компетитивната политичка култура, но и живописниот ритуален култ. Во својата книга “Прастариот Тиванаку” ("Ancient Tiwanaku") тој ги истакнува испитувањата кои укажуваат дека подемот на Тиванаку и неговата почетна експанзија повеќе се должат на меѓусебниот договор и културното здружување на населението отколку на принудувањето и милитаризмот.

 

Организација на градот

Музејскиот истражувач на локалитети Патрик Рајан Вилијамс (Patrick Ryan Williams) и членовите на неговиот тим во еден напис од 2007 година пишуваат дека археолошките ископувања откриваат оти луѓето од Тиванаку одржувале густа урбана популација која живеела во добро дефинирани, просторно поделени “маала”, наречни бариос, кои биле омеѓени со масивни ѕидови од тула направена од слама и кал.

Тиванаку се простирал на површина од околу 5 квадратни километри во денешна западна Боливија

Овие граѓански “маала” се карактеризирале со повеќејадрени структури на домаќинствата (како кујни, спални соби, шпајзови), а некои од нив очигледно биле организирани околу мала приватна градина. Секој од жителите на овие домаќинства имал пристап до отворениот заеднички плоштад, простор кој се употребувал за церемонијални настани во заедницата.

Научниците притоа многу внимателно нагласуваат дека ниту едно од градските маала на Тиванаку не е целосно ископано и обележано. Сепак, една област којашто археолозите значително ја истражиле е градскиот центар, кој содржи голем број монументални структури. Се работи за простор кој е опколен со вештачки ров (шанец).

 

Потонатиот храм и Каласасаја

На просторот опколен со ровот/шанецот се наоѓаат повеќе структури за кои се чини дека биле од религиска важност.

Јанушек за најстара структура го посочува “Потонатиот храм”, мало здание до кое се симнува со помош на скалите што се наоѓаат од јужната страна. “По симнувањето од скалилата, забележливи се камени монолити, кои се наоѓаат во центарот на просторијата. За нив се претпоставува дека ги претставуваат постарите и моќни митски предци на колективните заедници. Освен тоа, ѕидовите на потонатиот храм се украсени со слики од боголики суштества со рамнодушни изрази на лицето и со сложени шапки на главата, но додека некои од сликите се чини дека претставуваат черепи со исушена кожа и потонати очни дупки, други наликуваат на сподоби на жени од ирскиот фолклор”.

 

Каласасаја и долните храмови на Тиванаку. Монолитот Понсе се гледа низ главната порта на Каласасаја. При рамнодениците сончевите зраци паѓаат директно на монолитот

Истражувачите Брајан Бауер (Brian Bauer) и Чарлс Станиш (Charles Stanish) во својата книга “Ритуалите и ходочастието на Андите во историјата: Островите на Сонцето и Месечината” (Ritual and Pilgrimage in the Ancient Andes: The Islands of the Sun and the Moon) забележуваат дека Потонатиот храм е во форма на квадрат чиишто страни се долги 27 метри.

Веднаш до Потонатиот храм се наоѓа платформскиот комплекс познат како Каласасаја, кој според Бауер и Станиш има димензии од 120 на 130 метри.

Јанушек за оваа платформа пишува дека е постепено проширувана и модифицирана со текот на времето и дека е изградена врз поранешен резиденцијален комплекс. Со градењето на Каласасаја врз оваа населба, која можеби била дом на некои од основачите на Тиванаку со висок статус, градителите се обиделе да се постават себеси како легитимни наследници на раниот ритуален престиж на Тиванаку.

 

Акапана

Во просторот ограден со шанец се наоѓа и она што Бауер и Станиш го нарекуваат “вештачка пирамида”, позната како Акапана. Оваа монументална градба има димензии од 200 x 250 метри во основата и е висока 16,5 m, а има шест камени тераси.

Акапана е со сигурност најголемата градба во Тиванаку и најверојатно е една од главните политички и сакрални области во градот.

Во едно поглавје од книгата на Јанг-Санчез пишува и професорот Ален Колата (Alan Kolata) од Универзитетот на Чикаго, кој вели дека при ископувањето на северозападниот дел од пирамидата археолозите наишле на костури од 21 човек кои веројатно се посмртни остатоци од групи луѓе што Тиванаку ги покорил. Остатоците биле најдени заедно со коски од лами и полихромна керамика, а на некои од костурите забележливи се докази од длабоки засеци со нож и скршеници од притисок кои може да бидат последица единствено од силни удари. Можно е касапењето да се случувало непосредно пред или по умирањето. Грубо кажано, луѓето чиишто остатоци се пронајдени, буквално биле искасапени со тежок нож пред да бидат закопани во основата на храмот.

 

Пумапунку

Надвор од областа оградена со шанец, лоцирана на југозапад се наоѓа масивна недовршена платформа, позната како Пумапунку. Во својата книга Јанушек пишува дека главната платформа била огромна, со димензии од преку половина километар, простирајќи се во правец исток-запад, и се состоела од тераси кои се преклопуваат една со друга, грубо формирајќи основа во облик на Т.

Главните влезови биле од западната страна. Оној кој влегувал се движел угоре по скалите низ камените портали кои се прекриени со горни греди издлабени така што да наликуваат на снопови од трска од видот тотора, за потоа да продолжи низ тесниот, ѕидан премин. Овој премин водел кон “внатрешен двор” со “потоната поплочена тераса”.

Во својата книга Јанушек пишува дека најверојатно водата имала централна улога во ритуалите што се случувале на оваа платформа. На ова мислење наведува локацијата на изворот Чокепача, кој се наоѓа југозападно од структурата и има камени канали изградени околу него, што укажува на тоа дека се работи за остатоци од наменска градба.

 

Пад и повторно раѓање

Некаде околу 1000-тата година од новата ера Тиванаку почнал да пропаѓа, и градот конечно бил напуштен. Пропаста на градот се лоцира приближно во исто време со пропаста на културата Вари (Wari), која се простирала на просторот на западен Перу. Ова совпаѓање ги наведе научниците на претпоставките дека климатскте промени на Андите играле улога во падот на двете цивилизации.

Но, иако Тиванаку бил напуштен, сеќавањата за него продолжиле да живеат во митологијата на луѓето од Андите.

Археологот Алексеј Вранич (Alexei Vranich) од универзитетот UCLA пишува во интернет-списанието “Археологија” дека дури и по неговото напуштање, Тиванаку продолжил да биде важен религиозен локалитет за луѓето од околината. Подоцна тој бил вметнат и во митологијата на Инките како место на раѓање на човештвото, но Инките изградиле свои структури покрај урнатините.

Клучни зборови:
Каласасаја и долните храмови на Тиванаку

Каласасаја и долните храмови на Тиванаку. Монолитот Понсе се гледа низ главната порта на Каласасаја. При рамнодениците сончевите зраци паѓаат директно на монолитот

Уметничка визија за животот во Тиванаку

Уметничка визија за животот во Тиванаку

Тиванаку се простирал на површина од околу 5 квадратни километри во денешна западна Боливија

Тиванаку се простирал на површина од околу 5 квадратни километри во денешна западна Боливија

Артефакти најдени на локалитетот на Тиванку

Артефакти најдени на локалитетот на Тиванку

Артефакти најдени на локалитетот на Тиванку

Артефакти најдени на локалитетот на Тиванку