Баобабот е едно од најчудесните дрва што постојат. Луѓето на африканскиот континет од праискон ги ценеле џиновските баобаби поради нивната духовна вредност, но користејќи ги и како извор на храна и како лек. Тие се најдолговечните дрва коишто човештвото ги познава. Припаѓаат на групата цветници и нивното латинско име е Adansonia digitata. Со мноштвото тенки гранки, налик на коренчиња, што се издвојуваат од дебелото стебло, баобабот наликува на дрво превртено со крошната в земја а коренот подаден кон облаците. Долгнавестите кафени плодови, пак, му го даваат прекарот "дрво на мртвот стаорец".
За жал, овој месец во научното списание Nature Plants беше објавено дека девет од тринаесетте најстари познати дрва или целосно умреле или изгубиле значителна маса од нивните стебла. Притоа, како што укажува коавторот на студијата Адријан Патрут, специјалист за неорганска и нуклеарна хемија на Универзитетот Бабеш-Бољај во Клуј-Напока, Романија, четири од примероците почнале да умраат од 2005 година наваму, а пет баобаба изгубиле огромен дел од нивните повеќекратни стебла.
Најстарото од дрвата, дрвото Панке во Зимбабве, било старо 2500 години пред да се распадне во текот на 2010 и 2011 година. Другите три дрва што умреле, вклучувајќи го и дрвото Чепмен во Боцвана, биле стари “само” околу 1250 до 1500 години.
Патрут смета дека староста сама по себе не била главен причинител на смртта, а дека зад трендот се крие нешто друго што загрижува. Одумрените дрва не покажувале знаци на епидемија. Тој се сомнева дека голема улога во случувањата има трендот на затоплување којшто се случува во јужните делови од Африка.
Иако баобабот е светски познато африканско дрво, во суштина многу малку се знае за нивната функционална биологија и некои други основни работи. Растителниот еколог Јуџин Мол од Универзитетот на Вестерн Кејп во Белвил, Јужна Африка вели дека никој детално не ја знае коренската структура на баобабите. "Филозофиите и парадигмите кои потекнуваат северно од 40-тата северна паралела не можат глатко да се применат и на јужната хемисфера за разбирање на градбата и функционалноста на растенијата во Африка," вели тој. "Ние луѓето сакаме симетрија, но природата не е секогаш е симетрична".