Рубрика: Астрономија и астронаутика
Колку е големо Сонцето?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.06.2018 - 13:00

Па, изгледа дека сè зависи од тоа кога ќе го мерите. Имено, радиусот на Сонцето варира, во зависност од фазата на Сончевиот циклус – 11-годишниот период на висока и ниска магнетна активност. Па така, во моментот на најголемата сончева активност, неговиот радиус се намалува за 1 до 2 километри. Ова го покажуваат резултатите од новото истражување објавено во Astrophysical Journal. Но, без паника, со оглед на тоа што радиусот на Сонцето изнесува околу 700 000 километри, се работи за сосема мала промена.

За разлика од планетите Меркур, Венера, Земјата и Марс, Сонцето нема цврста површина, па така, дефинирањето на негова апсолутна големина не е едноставна работа. Еден начин за дефинирање на големината на Сонцето се заснова на намалувањето на сјајот, тргнувајќи од неговиот центар. Во 2010 година, астрономот Џеф Кун од Универзитетот на Хаваи и неговите колеги, не најдоа никакви знаци дека радиусот во текот на Сончевиот циклус на Сонцето се менува, ако мерењата на големината се засноваат на неговиот сјај.

Но, новото истражување за репер при мерењата го зема сеизмичкиот радиус, кој се мери преку преку сеизмичките бранови кои патуваат низ внатрешноста на Сонцето. Секое намалување или зголемување на Сонцето ја менува и фреквенцијата на овие бранови.

Употребата на различно мерило има некои предности. "Со користење на сеизмичкиот радиус, може да се направат попрецизни мерења", вели Александар Косовичев (Alexander Kosovichev) од Технолошкиот институт на Њу Џерси во Њуарк, кој беше коавтор на научниот труд на оваа тема со Жан-Пјер Розело (Jean-Pierre Rozelot) од Универзитетот на Азурниот Брег во Ница, Франција. За да го прецизираат сеизмичкиот радиус, астрофизичарите употребиле податоци за брановите фреквенции собрани од две вселенски летала во текот на 21 година. Интензитетот на експанзијата или контракцијата варирала со длабочината. Додека некои слоеви во Сонцето се “туткале” другите се проширувале. Но, конечниот резултат беше севкупно намалување на сеизмичкиот радиус кога Сонцето било поактивно.

Новото мерење, сепак, не е замена за мерење на радиусот на осветленоста на Сонцето. Двете мерења се потпираат на различни техники и испитуваат различни аспекти на однесувањето на Сонцето.

Според астрофизичарот Сабатино Софија (Sabatino Sofia), сеизмичкиот радиус на Сонцето може да им помогне на научниците да ги разберат флуктуациите во силата на магнетните полиња на различни длабочини во Сонцето, кои можеби се и потенцијална причина за смалувањето. Иако претходно имаше навестувања за варијациите во сеизмичкиот радиус на Сонцето, дополнителните податоци навистина потврдуваат дека за време на циклусот на активност, сеизмичкиот радиус на Сонцето се менува.

Клучни зборови: