Двајца истражувачи при Центарот за економски истражувања во Норвешка, Рагнар Фриш, откриле дека резултатите од тестовите за интелигенција во текот на изминатите неколку децении полека, но сигурно, се сè полоши и полоши. Во трудот објавен во Proceedings of the National Academy of Sciences, Берн Брацберг (Bernt Bratsberg) и Оле Рогеберг (Ole Rogeberg) го опишуваат нивното истражување и откриените резултати. Тие нудат неколку можни објаснувања за своите наоди.
Претходните истражувања покажале дека луѓето станувале попаметни во текот на првиот дел од минатиот век, барем измерено според квоциентот на интелигенција – тренд познат како Флинов ефект. Флиновиот ефект претставува значително и долготрајно зголемување на добиените резултати со коишто се мери течната и кристализираната интелигенција кои биле правени во многу делови од светот во текот на 20 век. Притоа течната интелигенција го подразбира капацитетот за размислување и решавање на проблеми независно од претходните искуства, додека кристализираната интелигенција зависи од животните искуства и го претставува дотогашниот животен дострел на единката, вклучувајќи го општото знаење и богатството на речникот.
Дали фикцијата станува реалност?
Да се вратиме на претходното. Како објаснување за трендот на пораст на квоциентот на интелигенција на почетокот од минатиот век постојат повеќе теории, при што како причинители биле предлагани подобрата исхрана, здравствената заштита, образованието итн. Сите овие фактори би можеле да им помогнат на децата да пораснат во побистри и поостроумни возрасни единки. Но, според истражувачите во Норвешка, тој тренд сега завршил. Наместо да станат побистри, луѓето почнале да заглупавуваат.
Истражувањето на тимот се состоело во анализа на резултатите од IQ тестовите направени во Норвешка во текот на годините, почнувајќи од 1970 до 2009 година, а кои ги пополнувале момчињата пред да ја започнат нивната задолжителна воена обврска. Вкупно биле земени предвид 730 000 резултати од тестот. При проучувањето на податоците, истражувачите откриле дека резултатите во просек се намалувале за седум поени по генерација, сосема спротивно на резултатите од тестот добиени во претходните 70 години.
Можеби не е сè така црно. Истражувачите откриле и повеќе разлики помеѓу семејни групи, што укажува на тоа дека дел од падот може да се должи и на фактори од животната средина. Но, тие, исто така, сугерираат дека и промените во животниот стил би можеле да придонесат за дел од падот. Клучни фактори тука се промените во образовниот систем и трендот кај децата помалку да читаат, а повеќе да играат видеоигри. Но, за жал, и други истражувачи дошле до слични резултати. Еден британски тим неодамна откри дека IQ резултатите се намалуваат за 2,5 до 4,3 поени секоја деценија, приближно од крајот на Втората светска војна. Во декември минатата година, пак, друга група научници од САД открија дека постои тенденција децата кои при нивниот раст јаделе повеќе риба да имаат повисоки IQ вредности, а истовремено тие и спиеле подобро, што е уште еден клучен фактор за нивото на интелигенција кај возрасните. Имено, децата во многу земји во современиот свет јадат многу малку риба.