Речиси секогаш погонот како агрегат е издвоен од останатиот дел од машината која е негов потрошувач. Од тука потребата од спојки за да се поврзат овие две вратила. Од многу причини потполна (идеална) коаксијалност (сооскиност) на тие две вратила не може да се обезбеди и затоа, во најголем број случаи се применуваат еластични спојки. Но, и кај нив мора да се придржуваме на дозволеното отстапување (искосување) на вратилата. Во теренски услови се користат неколку традиционални методи за одредување на закосеноста на вратилата. Првиот е наједноставен, најбрз, но и најнепрецизен, а тоа е со помош на линијар (види на слика 1, под A). Вториот е многу прецизен, но многу бавен, а тоа е со помош на компаратори (види на слика 1, под B). Третиот метод е со помош на ласерски зраци. Тој иако многу прецизен истовремено е многу скап и бара специјална опрема, а исто така и многу време (види на слика 1, под C).
Сите недостатоци на традиционалните методи се елиминирани со алатката на фирмата SKF TKSA 11, кој служи за одредување на меѓусебната искосеност на вратилата, а работи на принципот на индукција. Алатот со посебна и едноставна апликација е поврзан преку bluetooth врска со смартфонот или таблетот на мајсторот (со iOS оперативен систем) преку кој со едноставен графички приказ (анимација) се добиваат основните упатства за успешно спроведување на процесот на мерење. Притоа добиваме брзо, едноставно и прецизно центрирање на вратилата од моторите, вентилаторите, пумпите или компресорите. На крајот, може да се изготви извештај за мерењето потврден со електронски потпис и тој да се извезе во *.pdf формат.
TKSA 11 има два индуктивни сензора чие робустно куќиште е круто поврзано со едното вратило и една референтна плочка која ги опфаќа двата сензора и е круто поврзана со другото вратило. Со рачно завртување на вратилото за 90° во едната, а потоа и во другата насока, се добива комплетна слика дефинирана во милиметри за меѓусебното отстапување на вратилата. Овој процес се координира и се следи преку смартфонот или таблетот на мајсторот. На крајот, со поставување на челични подлошки под моторот се коригира отстапувањето, и тоа се доведува во толерантно поле.
Инаку, како корисна информација може да послужи фактот што преку статистички методи и согледувања, установено е дека кај повеќе од 50% од дефектите кај машините, како што се предвремено попуштање на лежиштата, затинките, спојките и ремените, основен причинител се нецентрираните вратила од погонот. Згора на тоа, сите погоре набројани проблеми повлекуваат загуба на енергија додека се продлабочуваат.