Рубрика: Астрономија и астронаутика
Откриена е најголемата црна дупка во универзумот
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 29.05.2018 - 11:45

Деновиве група од 7 астрономи од Австралискиот национален универзитет, под водство на Кристијан Волф (Chistian Wolf), на серверот за научни трудови во предпечат arxiv.org, го постави соопштението дека ја откриле најголемата досега забележана црна дупка во универзумот. Тие процениле дека нејзината маса е еднаква на масата на најмалку 20 милијарди Сонца, а што се однесува до староста, таа била проценета на повеќе од 12 милијарди години. Ова значи дека оваа монструозна црна дупка се формирала на само околу 2 милјарди години по почетокот на постоењето на универзумот.

Да се потсетиме, црните дупки се финални производи од колапсот на згаснати ѕвезди со маса 3 пати поголема од масата на нашето Сонце. Кога овие ѕвезди ќе го истрошат сето нивно погонско гориво, тие колабираат под дејство на сопствената гравитација, трансформирајќи се во објект со огромна густина, т.н. црна дупка. Групата го направила ова откритие користејќи го орбиталниот телескоп на НАСА, WISE (Wide-field Infrared Survey Explorer), со намера да проучува далечни објекти, меѓу кои бил и еден квазар. Токму внатре, во него, тие ја откриле наведената џиновска црна дупка, трипати постара од нашиот Сончев систем. Да објасниме, квазари се најдалечните галаксии, оддалечени од нас повеќе од 10 милијарди светлински години, кои привидно изгледаат како ѕвезди. Но, на кој начин можела да се формира толку огромна, џиновска црна дупка во толку раниот универзум?! Научниците сметаат дека тоа било можно благодарение на големата густина на космосот во неговиот ран период, па изобилството на материјал овозможило црната дупка екстремно бргу да нарасне до толку огромни размери. “Меѓутоа, таа и натаму има голем “апетит”, па на секои два дена консумира објект со големина колку нашето Сонце, и така ја зголемува својата маса со стапка од 1% на секои милион години”, напишале истражувачите во својата објава. Нејзиниот сјај е илјада пати поголем од сјајот на целата галаксија во којашто таа се наоѓа. Можеби изгледа парадоксално, црна дупка да има сјај, кога е познато дека поради нејзината енормно голема гравитациска привлечна сила од неа не може да избега ниту светлината? Но, тој сјај не потекнува од самата дупка, туку од просторот пред дупката, т.н. хоризонт на настани, од материјалот којшто во дупката не паѓа под прав агол, туку странично ротира околу дупката формирајќи т.н. акреционен диск, постепено приближувајќи се кон црната дупка, за да конечно падне во неа. При тоа приближување доаѓа до силно триење (фрикција) меѓу честичките на материјалот и до нивно енормно загревање, што создава зрачење во целиот електромагнетен спектар: видливиот, радиофреквентниот и рентгенскиот опсег. Доколку таа црна дупка би се наоѓала во центарот на нашата галаксија Млечен пат, таа би се гледала од Земјата околу 10 пати поголема и посјајна од полната Месечина, но и покрај нејзината огромна оддалеченост од нас, нејзиното јако радиоактивно зрачење би оневозможило развој на каков било вид живот на Земјата.

За крај, ќе кажеме дека научниците претпоставуваат дека во центарот од секоја галаксија постои црна дупка, а дел од нив веќе се идентификувани.

Клучни зборови: