Нов изглед, зголемена прегледност и повеќе новости за вас!
Веќе подолго време во ЕМИТЕР планиравме и подготвуваме осовременување на нашиот интернет-портал. Последнава година, со веб-дизајнерот Димитар Болиновски работевме напорно и, конечно, подготвени сме да ви го претставиме новиот веб-портал на списанието. Направен е целосен редизајн на насловната страница на порталот на ЕМИТЕР, но не се заборавени и останатите страници каде што има помали интервенции.
Новиот сајт ги наследува сите функции од стариот, но додадени се и повеќе нови функционалности. За почеток, сите во редакцијата се надеваме дека ќе ви се допадне идејата за претставување на повеќе новости и информации во текот на денот. Тие стануваат достапни и како RSS feed, со пријавување за ваков тип претплата на вести.
Вграден е и нов модул за споделување на содржините. Модулот ги вклучува сите важни и помалку важни социјални мрежи, нудејќи зашеметувачка бројка за споделување на над 200 социјални мрежи.
Новиот изглед на нашиот портал значи и побрз пристап до повеќе теми и написи. Слично како и кај стариот портал, веднаш под навигациската лента е сместена секцијата со новости. Тука со слика се претставени последните четири информации од светот на науката и техниката, а брз пристап до остатокот од вестите е овозможен со избор на опцијата Повеќе.
Веднаш под секцијата за вести е сместен модулот за претставување на последниот број од списанието ЕМИТЕР. Тука можете да ја видите насловната страница на новиот број и да добиете кус преглед на ударните теми во бројот. За сите написи објавени во последниот број потребно е да кликнете врз насловната страница или, пак, да изберете Повеќе, по што системот ќе ве однесе на соодветната страница. Овозможен е и директен пристап до главните теми на бројот. Имено, со избор на темата што ве интересира, системот ве води на страницата каде што таа е претставена.
Веднаш под него е секцијата Препорачуваме. Тука, по наш избор, ви нудиме неколку написи за коишто сметаме дека се од поширок интерес за голем број читатели.
Следат секциите за претставување на претходните броеви од ЕМИТЕР, што тука се прикажуваат по случаен избор. Во текот на денот, тука ви претставуваме по 3 претходни броеви на ЕМИТЕР. Со клик врз кој било од нив се отвора преглед на соодветниот број, додека со избор на Разгледајте, имате пристап за преглед на сите претходно издадени броеви на списанието ЕМИТЕР. Пристап до овој дел од сајтот имате и со избор на копчето Списанија во навигациската лента.
Под ова е секцијата книги и брошури, каде што на прегледен начин се прикажани книгите и брошурите во издание на ЕМИТЕР. Модулот овозможува лесен пристап до секоја од нив.
По ова следат уште два модула – модулот Направи сам за приказ на проекти во самоградба, коишто биле објавени на страниците во ЕМИТЕР, и модулот Емитер времеплов, каде што се прикажуваат други статии од минати броеви на списанието. Двата модула изборот прават случаен избор на теми, така што секој ден при посета на страницата ќе ви се понуди нов сет на написи.
Делот што сигурно ќе ги интересира нашите поддржувачи е рекламниот простор на порталот. Како што забележувате, новиот портал на десната страна овозможува поголем простор за банери, а покрај ова, рекламен простор со одредени димензии е овозможен и помеѓу некои од модулите на насловната страница од порталот. Со зголемувањето на просторот за поставување, рекламата на огласувачите е видлива и позабележлива. Покрај ова, го зголемуваме и изборот на формати за огласите којшто е поддржан, а нивното ажурирање ќе се врши редовно, според договорот и потребите на огласувачот. За цената на огласување на нашиот портал контактирајте нè на marketing@emiter.com.mk
Новиот портал има и нов модул за регистрација. Регистрацијата на нашиот портал е бесплатна и ви носи повеќе привилегии: преземање /спуштање на бесплатните содржини, прием на бесплатниот е-Билтен, а во иднина и посебни веб-содржини наменети само за регистрираните корисници и претплатници. Модулот за регистрирање има дел за заборавена лозинка и за откажување на регистрацијата, доколку ви се јави потреба за тоа. Тука треба да напоменеме и дека регистрациите направени на стариот портал веќе не важат, па секој заинтересиран читател ќе треба да направи нова регистрација на порталот. Исто така, важно е да нагласиме дека наведената регистрација е само за веб-порталот, додека е-продавницата си има посебна регистрација со сите податоци што се неопходни за реализација на нарачката, фактурирање и достава на купените производи.
Уште една новина е новиот, поефикасен модул за пребарување и навигација низ темите на ЕМИТЕР. Имено, пребарувачот има поефикасен модул за пребарување, со содветни филтри за стеснување на изборот на прикажаните резултати. Така, можете да употребите клучни зборови, да изберете приказ на резултати/совпаѓање само од одредена секција од сајтот, но и рубрика во којашто сметате дека би се наоѓала информацијата што ве интересира. На овој начин, ви овозможуваме побргу да стигнете до бараниот резутат. Секако, за појаснувања како да се користи пребарувачот, тука е и копчето за помош означено со прашалник.
И тоа не е сè – на страниците со статии има нов модул за понуда на написи со слична содржина на онаа што ја прегледувате во моментот. Изборот на слични статии системот го прави споредувајќи ги насловот и клучните зборови на статијата којашто е отворена, со останатите написи објавени во ЕМИТЕР, присутни во базата на податоци. На овој начин, одеднаш добивате пристап до повеќе информации за темата што ве интересира, за многу пократко време.
Освен новото руво, сајтот на ЕМИТЕР сега е и активно поврзан со нашата е-продавница, така што двата сајта функционираат како еден. На страниците со претходни броеви, од книгите и од ППК-сервисот со еден клик, директно се префрлате во е-продавницата на ЕМИТЕР, со избор на симболот корпичка или, пак, со избирање на ознаката Нарачај го овој број. А доколку разгледувате низ е-продавницата и сакате да дознете повеќе за соодветниот број на списанието, книгата или за печатената плочка, тогаш со клик на зборчето “Повеќе“ ќе бидете префрлени на соодветната страница на веб-порталот.
За жал, форумот сè уште е во изработка, но очекувајте наскоро добри новости и во овој сегмент :)
Засега, имаме толку за да се пофалиме. Разгледајте го нашиот нов веб-портал, регистрирајте се ако сакате да нè следите, а повелете и со вашите предлози и коментари на redakcija@emiter.com.mk и на нашата фејсбук страница.